Самуел Ето, поранешен репрезентативец на Камерун, во следните четири години ќе биде претседател на Фудбалска федерација на таа земја. Ето (40), четирикратниот фудбалер на годината на Африка, вети широк спектар реформи за напредок на фудбалот.
– Фудбалерите треба да бидат во центарот на нашите политики. Нашата задача е да обезбедиме тие да заработат пристојно од играњето фудбал – вели Ето, поранешната ѕвезда на Барселона, Интер и на Челси, кој вети изградба на најмалку десет стадиони за време на неговиот мандат.
Ето, кој е најдобар стрелец на сите времиња на Камерун, му се приклучи на шпанскиот гигант Реал Мадрид во 1996 година, на 16-годишна возраст, пред да оди на заем во Леганес, Еспањол и во Мајорка. Потоа, во 2004 година, следуваше преселба во Барселона, со која освои три титули во Ла лига, како и две во Лигата на шампионите (ЛШ), во 2006-та и три години подоцна, постигнувајќи гол во двете финалиња. Во 2006 година, Ето стана првиот и единствен Африканец што ја освоил шпанската „златна копачка“, постигнувајќи 26 гола на 34 натпревари, вкупно 108 гола на 144 меча за тимот од стадионот „Ноу камп“. Потоа му се приклучи на Интер, каде што ја освои третата титула во ЛШ, како и титулата во Серија А и на Светското клупско првенство (СП) во 2010 година. Ето со Камерун победи на два последователни Купа на Африка, во 2000 и во 2002 година. Во 2000 година, тој го предводеше Камерун до златен олимписки медал, постигнувајќи гол во финалето.