Интересот за женското Европско првенство во 2022 година во Англија продолжува да расте по минатомесечното извлекување на групите, што се рефлектира со рекордниот број апликации за билети во минатите три недели. Над 268.000 билети се побарани од 118 земји, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Ова се надоврзува на продадените 162.000 билети за време на периодот на претпродажба во почетокот на годинава, што значи дека ќе биде надминат рекордот на ЕП за фудбалерки поставен на ЕП 2017 во Холандија, каде што 240.000 гледачи присуствуваа на натпреварите на стадионите.
– Си поставивме цел да ги собориме рекордите. Гледајќи го бројот на продадени билети досега и добиените апликации можеме да кажеме дека ќе ги собориме рекордите на посетеност, бидејќи наскоро ќе продадеме околу половина од 700.000 достапни билети – вели шефицата на УЕФА за фудбал за жени, Надин Кеслер.
Најсилна побарувачка има од земјата-домаќин Англија, а потоа следуваат Северна Ирска, Холандија и Германија. Најбараниот натпревар е финалето на стадионот „Вембли“, откако 53.000 билети веќе беа продадени во претпродажба. Цените на билетите за натпреварите се движат од пет до 50 фунти.