Македонија ќе игра со Полска, Австрија, Израел, Словенија и со Летонија во квалификациите за ЕП 2020, што дава отворени шанси за прв пласман на едно континентално натпреварување, оти за противници од првите барабани не ги доби светскиот првак Франција, европскиот шампион Португалија или некој од поранешните континентални или планетарни прваци Шпанија, Германија, Англија, Холандија, Италија… или медалистите од СП 2018, Хрватска и Белгија итн.

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе игра во групата Г, заедно со селекциите на Полска, Австрија, Израел, Словенија и на Летонија во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
– Мислам дека добивме група во која се наоѓаат релативно израмнети репрезентации. Македонија влегува со нескриени амбиции, притоа респектирајќи ги сите противници. Македонија не стравува од никого и може да им се спротивстави на сите противници, само сплотено, тимски и со огромна поддршка од јавноста. Ние ќе одиме од натпревар на натпревар и се надевам дека ќе стигнеме до крајната цел, а тоа е пласман на Европското првенство. Откако ќе го дознаеме распоредот ќе почнеме со сите потребни активности за анализа и подобра подготовка на квалификациите – изјави селекторот Ангеловски по ждрепката.

Легендата на португалскиот фудбал, Нуњо Гомеш, имаше среќна рака, па Македонија ја смести во релативно лесна група во која нема „тешкаши“ од калибарот на светскиот првак Франција, европскиот шампион Португалија или поранешните континентални или планетарни фудбалски владетели, како Шпанија, Германија, Англија, Холандија, Италија… или, пак, медалистите од Светското првенство годинава, Хрватска и Белгија итн.

Против репрезентации што ги доби како ривали Македонија има реални шанси за освојување на едно од првите две места што водат на финалниот турнир на ЕП 2020 на кое ќе настапат 24 репрезентации и кое ќе се одржува во 12 европски градови, од 12 јуни до 12 јули 2020 година.

Од ваквата ждрепка може да биде задоволен и македонскиот селектор Игор Ангеловски, кој присуствуваше на вчерашното извлекување на групите во Даблин, Република Ирска. Тој ги посакаше Израел, Летонија и ги доби, а ја избегна Германија.
На пригодната церемонија на ждрепката за составот на групите присуствуваа селекторите, директорите и претседателите на федерациите на 55-те репрезентации. За ждрепката беше задолжен Џорџо Марети, директорот за натпреварувања на УЕФА, а специјални гости беа фудбалските легенди, Ирците Вилан и Роби Кин и Португалците Нуњо Гомеш и Витор Баија.

Натпреварите од првата квалификациска рунда ќе се играат од 21 до 23 март, а од последната, од 17 до 19 ноември 2019 година. На јубилејното континентално првенство, на кое ќе се слави 60-годишнината од првото во 1960 година во Франција, ќе се пласираат двете најдобри репрезентации од секоја од десетте групи. Преостанатите четири селекции ќе се добијат по одигрувањето на плејофот во Лигата на нациите, во кој можеби ќе игра и Македонија. 


Првпат со Австрија, со Словенија и со Летонија позитивен скор

Македонската фудбалска репрезентација досега одигра 13 меча со четири од петте противници во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Македонија в година првпат ќе игра со Австрија. Од другите, Македонија има позитивен скор со Словенија, со три победи (4-1, 2-0, 3-2) и еден пораз (0-1) и вкупна гол-разлика 9-4 за Македонија. Сите мечеви досега беа пријателски, вклучувајќи го и историскиот прв за Македонија во 1993 година. Црвено-жолтите најмногу мечеви одиграа со Израел, пет, од тоа Македонија има една победа (1-0, на гости, во циклусот квалификации за Светското првенство годинава во Русија) и четири порази (2-3, двапати 1-2 и 0-1). Од петте меча четири се во квалификациски дуели (поразот 2-3 е во тест-меч, во Скопје). Македонија и Летонија досега одиграа само еден и тоа пријателски дуел, во 2014 година, кога Македонија во Скопје победи со 2-1. Г.М.


Во повеќе групи ќе има отворенатрка за првите две места

Групата Ц, во која се две фудбалски репрезентации поранешни европски прваци, Холандија и Германија, се издвојува како една од најтешките во квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Во таа група се и Северна Ирска, Естонија и Белорусија. Сепак, има повеќе групи во кои ќе биде отворена трката за пласман на првите две места, како на пример групата на Македонија, потоа групата Х, во која се светскиот првак Франција, Исланд, Турција, Албанија, Молдавија и Андора, групата Е во која се Хрватска, Велс, Словачка, Унгарија и Азербејџан, па групата К со Италија, БиХ, Финска, Грција, Ерменија и со Лихтенштајн итн. Двете првопласирани од 10-те групи (вкупно 20) ќе се пласираат на ЕП, а преостанатите четири преку плејоф-мечевите во Лигата на нациите (ЛН), во март 2020 година. Квалификациските натпревари ќе играат во периодот помеѓу март и ноември 2019 година.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ
А: Англија, Чешка, Бугарија, Црна Гора, Косово
Б: Португалија, Украина, Србија, Литванија, Луксембург
Ц: Холандија, Германија, С. Ирска, Естонија, Белорусија
Д: Швајцарија, Данска, Р. Ирска, Грузија, Гибралтар
Е: Хрватска, Велс, Словачка, Унгарија, Азербејџан
Ф: Шпанија, Шведска, Норвешка, Романија, Ф. Острови, Малта
Г: Полска, Австрија, Израел, Словенија, Македонија, Летонија
Х: Франција, Исланд, Турција, Албанија, Молдавија, Андора
И: Белгија, Русија, Шкотска, Кипар, Казахстан, С. Марино
К: Италија, БиХ, Финска, Грција, Ерменија, Лихтенштајн
Двете првопласирани од 10-те групи (вкупно 20) ќе се пласираат на ЕП 2020. Преостанатите четири селекции ќе се добијат преку плејоф-мечевите во Лигата на нациите


Против Полска досега мечеви само на неутрален терен

Полска е единствената селекција од противниците во квалификациската група за пласман на фудбалското Европско првенство во 2020 година со која Македонија нема ниту една победа. Досега двете селекции одиграа три тест-меча, сите на неутрален терен. Прво Полска победи во Сплит (Хрватска) со 3-0 во 2003 година, потоа следуваше ремито, 1-1, во 2008 година во Ројтлинген (Германија), а потоа и уште еден пораз, со 1-4, во 2012 година во Анталија (Турција). Г.М.