Шпанија промаши пенал и ремизира со Полска, 1-1

Роберт Левандовски го постигна првиот гол на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020, израмнувачкиот на мечот Шпанија – Полска (1-1), кој им донесе прв бод на Полјаците и надеж дека ќе се квалификуваат во осминафиналето. Голот за Шпанија го постигна Алваро Мората, а Жерар Морено не постигна гол од пенал во 57. минута. Левандовски е првиот полски фудбалер што постигнувал голови на три ЕП, откако претходно беше стрелец и на ЕП 2012 и на ЕП 2016.

Шпанија повторно разочара и со второто реми е трета во групата Е, со два бода, што најавува интересна разврска во групата. Шведска е на врвот со четири бода и најверојатно оди понатаму, барем како трета, Словачка е втора со три бода, а Полска е последна со еден бод. Избраниците на селекторот Луис Енрике в среда, во последниот натпревар од групата, ќе играат против Словачка, а Полска се среќава со Шведска.

Шпанците, кои доминираа пред една декада, кога освоија две европски титули (во 2008 и во 2012 година) и една светска (во 2010-та) првпат по ЕП 1996 не победуваат на двата воведни натпревари на шампионатот. Шпанците ремизираа на претходните четири натпревари на големите турнири (ЕП и СП), што е нивна најдолга ваква серија.
– Имам голема потреба да го гледам и да го анализирам овој натпревар. Немаме убаво чувство, можеби бевме доминантен тим, но тоа не беше доволно за да победиме. Ми се допадна како играше Полска. Тие создадоа чисти шанси. Веројатно се обидувавме премногу и претеравме со некои работи наместо да создаваме чисти шанси. Промашувањето на пеналот беше во многу клучен момент – изјави селекторот Енрике.