Селекторот Луис Енрике на невообичаен начин го објави составот на шпанската фудбалска репрезентација за претстојниот дуел против Хрватска во Лигата на нациите и за пријателскиот меч против БиХ, поставувајќи ги фотографиите на неговите избраници на табла што наликуваше на албум за самолепливи сликички, пренесува шпанска „Марка“.

Енрике смени една третина од фудбалерите што вообичано се во составот на „црвената фурија“, вклучувајќи 24 играчи од 14 различни клубови. 

Шпанскиот стратег го врати во составот 29-годишниот лев бек на Барселона, Жорди Алба, кој на мечот против Хрватска, ќе настапи за Шпанија за првпат по Светското првенство во Русија. Нови имиња на репрезентативниот список се Марио Хермосо (Еспањол), Пабло Форналс (Вилјареал) и Браис Мендез (Селта).

Шпанија гостува кај Хрватска во Загреб, идниот четврток, а три дена потоа ќе ја пречека БиХ во Лас Палмас.