Пабло Мартин Паез Гавира или Гави, фудбалерот на Барселона, на дебито за Шпанија против Италија во Лигата на нации, на возраст од 17 години и 62 дена, стана најмладиот што го облекол дресот на Шпанија. Досега рекордер беше Анхел Зубиета (17 години и 284 дена) од 1936 година. За Гави тоа беше осми сениорски настап во кариерата, шест недели по дебито за Барселона.
– Гави е редок случај. Тој игра на теренот како да е во дворот на неговата куќа. Тој е сегашноста и иднината на националниот тим, играч што може да игра помеѓу линиите, не ја губи топката, има добра техника и физички е силен. Знаевме што ќе ни донесе: личност, желба за игра, храброст. Ништо не е премногу за него, тој е комплетен играч – рече шпанскиот селектор Луис Енрике.
Гави, кој е роден во близината на Севилја, бил ангажиран на 11-годишна возраст од Барселона, од академијата на Бетис. Неговиот подем во претходните шест години беше брз и импресивен, а неговите способности може да се видат на видеото објавено од Барса минатиот месец на Јутјуб. Тренерот на Барселона, Роналд Куман, изјави дека Гави веќе покажал оти „го заслужил местото во тимот“. Тој беше играч на натпреварот на првиот меч како стартер, дома против Леванте, а беше асистент при израмнувачкиот гол во последната минута против Гранада. Против Баерн на отворањето на новата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), Барса загуби дома, со 0-3, но Гави за 30-те минути, колку што помина на теренот, покажа завидна борбеност. Поради огромниот талент, многумина го споредуваат со еден од најдобрите играчи на Барселона, Чави, кој потекнува од академијата Ла Масија.