Шпанскиот фудбалски стручњак Унаи Емери, кој изминативе две сезони беше тренер на Пари Сен Жермен, истакна дека Нејмар е врвен играч, но дека нештата поврзани со него најчесто се предимензионирани.

Во изминатиот период се појавија гласини дека бразилскиот фудбалер е незадоволен во парискиот клуб и дека планира да се врати во Шпанија, но не во Барселона, туку во Реал Мадрид.

– Сезонава имаше периоди кога се што беше поврзано со Нејмар стана предимензионирано. А тој не говори многу, само ни нагласи дека уморен од сите лаги. Не сакам да бидам негов гласник, но верувам дека и следната сезона ќе биде во Париз. Сметам дека тоа е вистинска одлука за клубот и играчите – потенцира Емери.

Според шпанскиот фудбалски стручњак било задоволство да се работи со Нејмар.

– Уживав да работам со него. Навистина сум задоволен. Тој е на ниво на Кристијано Роналдо и Лионел Меси. Доколку не се повредеше ќе оствареше и подобри резултати – наведе Емери.

Нејмар пред почетокот на оваа сезона во ПСЖ дојде од Барселона за рекордни 222 милиони евра.