Египетскиот голман Есам Ел-Хадари на мечот против Саудиска Арабија (1-2) во понеделникот, на возраст од 45 години и 161 ден, стана највозрасниот фудбалер што настапил на светските првенства (СП). Претходно рекордот во оваа категорија го држеше голманот на Колумбија, Фарид Мондрагон (43 години и три дена) на СП 2014 во Бразил. Ел-Хадари постави уште два рекорда – стана најстариот дебитант на мундијалите и највозрасниот капитен на еден меч на СП.
– Секој фудбалер сака да собори или да постави некој рекорд. Ова не е само мој личен успех и рекорд туку и големо постигнување за Египет – изјави Ел-Хадари.
Ел-Хадари, кој интернационалната кариера ја почнал во 1996 година и има 157 настапи за Египет, успеа да одбрани пенал на мечот со Саудиска Арабија, но и тоа не им помогна на Египќаните да го избегнат третиот пораз на СП 2018.