Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас е блиску до трансфер во Наполи, тврди „Скај Спорт Италија“. Според овој извор преговорите помеѓу двата клуба биле во завршна фаза. Актуелниот клуб на Елмас, Фенербахче и Наполи требало уште да ја договорат сумата што клубот од Серија А треба да ја плати за фудбалерот.

Елмас уште пред почетокот на летниот преоден рок се поврзуваше со неколку елитни европски клубови, медиумите пишуваа за интересот на Тотенхем, Интер, Лацио, Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид.

Во моментов, во долгата трка за неговиот потпис на првото место избива Наполи, на чело со Карло Анчелоти, кој го нарекол Елмас „новиот Руиз“. Шпанецот од Наполи неодамна го освои златниот медал на Европското првенство за играчи до 21 година и беше прогласен за најдобар играч на турнирот.

Преговорите барем засега се закочиле околу обесштетувањето, Наполи нуделе 13 милиони евра плус одредени бонуси, додека Фенербахче барале 20 милиони евра.