Во изборот на играчи што може да влезат во фокусот има 22 тинејџери, а УЕФА на една ваква листа пред две години ги вметна сега многу познатите Аризабалага, Де Јонг, Де Лихт, Јовиќ, Родри, Санчо…

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас (19) е меѓу 50-те најдобри млади фудбалери на кои треба да се обрне внимание во сезоната 2019/2020, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Листата со идните европски ѕвезди фудбалери што можат да бидат во фокусот во новата сезона ја сочиниле дописниците на УЕФА.

Европската куќа на фудбалот се прашува колку од овие 50 играчи ќе бидат познати имиња во ова време во 2020 година, но посочува на својата претходна ваква листа од 2018 година, на која беа, меѓу другите, Кепа Аризабалага (тогаш во Атлетик, сега во Челси), Френки де Јонг (од Ајакс, сега во Барселона), Матијас де Лихт (од Ајакс замина во Јувентус), Лука Јовиќ (тогаш во Ајнтрахт, сега во Реал Мадрид), Родри (тогаш во Атлетико, сега во Манчестер сити), Џејдон Санчо (Борусија Дортмунд)…

На новата листа на УЕФА, покрај новиот плејмејкер на Наполи, се и уште 22 тинејџери. Од Балканот, на листата има тројца од Турција, по двајца од Хрватска, Србија и од Романија итн.