Елмас (лево)

Македонскиот репрезентативец го постигна голот првенец во првенството на Италија во победата на Наполи на гости кај Сампдорија со 4-2

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас го постигна првиот гол во дресот на Наполи, во италијанската Серија А. Тој ја затресе мрежата на мечот на гости, во Џенова, против Сампдорија, во победата со 4-2, во 16-та минута за водство на неаполитанците во тој момент со 2-0. Ова беше втор триумф во низа за тимот предводен од тренерот Џенаро Гатузо, по минатонеделната победа дома над шампионот Јувентус, со 2-1. На тој меч Елмас влезе во игра во 81-та минута.

Елмас (20) пристигна во Наполи лани летото од Фенербахче. Статистиката покажува дека во минатите шест месеци тој одиграл 19 натпревари за Наполи од кои 13 во Серија А, два во Купот на Италија и четири во Лигата на шампионите (ЛШ). Елмас голот првенец го постигна на возраст од 20 години, четири месеци и 10 дена и е еден од најмладите што сезонава постигна гол во Серија А, според специјализираната интернет-страница „Трансфермаркт“.

По двете врзани победи Наполи се искачи на 10-то место во првенството на Италија, со 30 бода, два помалку од шестопласираниот Калјари, односно девет помалку од Аталанта и од Рома, на четвртата и на петтата позиција, со реални шанси да избори пласман во Лига Европа (ЛЕ), и евентуално во ЛШ во следната сезона. Сампдорија, пак, со тренерот Клаудио Раниери на клупата, е 16-та со 20 бода, пет повеќе од двата последни тима на табелата по 22 кола сезонава, Бреша и Спал.