Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас го постигна деби голот за Наполи во победата над Сампдорија од 4-2 на гости, во вечерашниот меч од Серија А на кој одигра 79 минути и доби жолт картон.

По победата над лутиот ривал Јувентус, понеделничкиот меч на „Луиџи Ферарис“ започна фантастично за тимот на Џенаро Гатузо, откако прво Аркадијуш Милик уште во третата минута ја затресе мрежата на домаќините, пред Елмас да го постигне својот првенец само 13 минути подоцна.

Меѓутоа, Сампдорија се врати во игра. Прво ветеранот Фабио Кваљарела постигна фантастичен гол во 26. минута, за во второто полувреме од пенал во 73. минута, Маноло Габијадини да израмни на 2-2. Сепак, замената Диего Деме во 83. минута најдобро се снајде во противничкиот шестнаесетник, а во 98. минута и Дрис Мертенс се запиша во листата на стрелците, за триумф на Наполи.

Со победата Наполи е на 10-то место во Серија А со 30 поени, девет поени од местата кои водат во Лигата на шампионите. Сампдорија е 16-та со 20 поени, само четири над зоната за испаѓање.