Реал Мадрид ја освои Лигата на шампионите трипати под водство на Зидан

Многумина врвни стратези и фудбалери сонуваат да бидат дел од најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид, но наводно, постои еден човек што го одбил кралскиот клуб, пропуштајќи ја можноста да го тренира моќниот тим на „кралевите“ исполнет со ѕвезди како што се Луис Фиго, Дејвид Бекам и Зинедин Зидан.

Според поранешниот фудбалски агент Марк Роже, станува збор за Арсен Венгер, кој пак, сега се спомнува меѓу водечките фаворити за преземање на актуелниот трикратен европски првак, откако досегашниот тренер на шпанскиот гигант, Зинедин Зидан, најави заминување. 

Роже тврди оти претседателот на „кралевите“ Флорентино Перез, во првиот мандат се обидувал да го ангажира тогашниот менаџер на лондонски Арсенал, Венгер, во периодот помеѓу 2001 и 2003 година, со цел францускиот стратег да го води тимот на „галактичари“ во Мадрид. 

– Беше сон на Перез да го ангажира Венгер. Но Венгер не сакаше да оди таму. Тој е единствениот човек на светот што ја одбил можноста да биде тренер на Реал Мадрид, со Карлос, Фиго, Зидан и со Бекам. А му требаше долго време за да ја одбие понудата. Ги почнавме преговорите во 2001 година, а тие уште траеја во 2003 година. На последниот состанок дојде единствено Хорхе Валдано (поранешен спортски директор на Реал – н.з), бидејќи Перез веќе не веруваше дека соработката ќе се оствари – кажа своевремено Роже за англискиот весник „Метро“.

Венгер неодамна им откри на медиумите, оти во текот на 22-те години поминати во Арсенал одбил повеќе понуди, меѓу кои биле оние на Реал, Баерн и на Пари Сен Жермен, како и преземањето на англиската репрезентација во два наврати.

– Мислам дека го одбив Реал два или трипати. Тие се еден од клубовите што ги сакав уште како дете, но сметав дека тоа беше осетлив период за Арсенал. Кога го градевме стадионот, банките бараа да се обврзам кон Арсенал на пет години. Првата понуда на Реал дојде токму во тој период, по што помислив дека не смеам да го сторам тоа, бидејќи би го предал мојот клуб – објасни Венгер, во разговор за „Мирор“. 

Венгер е без ангажман, откако на крајот од сезонава го напушти Арсенал по 22 години поминати во лондонскиот клуб, со кој трипати ја освои англиската Премиер-лига (без пораз во 2004 година), седумпати англискиот ФА-куп, а по еднаш играше и во финалето на Лигата на шампионите и на Купот на УЕФА. М.Ж.