Кандидати за признанието за најдобар фудбалер во 2020 година во изборот на ФИФА се Салах, Мане, Ван Дајк, Алкантара, Мбапе, Нејмар, Меси, Роналдо, Левандовски, Де Брујне и Рамос

ФУДБАЛ – ИЗБОР НА НАЈДОБРИТЕ ЗА ГОДИНАВА

Годинава ќе нема доделување на „Златната топка“ бидејќи организаторот, магазинот „Франс фудбал“, во јули го откажа настанот поради пандемијата на коронавирусот. Но тоа не ја спречи Светската фудбалска федерација (ФИФА) да објави листа од 11 најдобри за 2020 година.
Меѓу нив се четворица играчи на Ливерпул, Мохамед Салах, Садио Мане, Вирџил ван Дајк и Тијаго Алкантара (до август играше за Баерн), плус Алисон Бекер, кој е номиниран за најдобар голман. Покрај нив кандидати се и Лионел Меси од Барселона, Кристијано Роналдо од Јувентус, Роберт Левандовски од Баерн, Кевин де Брујне од Манчестер сити, Килијан Мбапе и Нејмар од ПСЖ и Серхио Рамос од Реал Мадрид. Од кандидатите за годинава, наградата на ФИФА досега ја освојуваа Роналдо и Меси.
Заедно со Алисон, во категоријата голмани за наградата конкурираат Тибо Куртоа од Реал Мадрид, Кејлор Навас од ПСЖ, Мануел Ноер од Баерн, Марк-Андре тер Штеген од Барселона и Јан Облак од Атлетико. Од нив, Алисон наградата ја освои лани, а Куртоа во 2018 година.

Во конкуренција за најдобри тренери се Ханс-Дитер Флик (Баерн), Јирген Клоп (Ливерпул), Жулен Лопетеги (Севилја), Марсело Биелса (Лидс) и Зинедин Зидан (Реал Мадрид). Во оваа категорија Клоп ја освои наградата во 2019 година, а Зидан во 2017 година.
За признанието „Ференц Пушкаш“, пак, за најубав гол во 2020 година, номинирани се три фудбалерки и осум фудбалери.
Јавното гласање на интернет-страницата на ФИФА ќе трае до 9 декември по што, на 11 декември, треба да бидат објавени имињата на тројцата финалисти во секоја од седумте категории. Наградите треба да бидат доделени на 17 декември. 


За наградата за најдобра фудбалерка конкурираат пет од Лион

Во трката за признанието за најдобра фудбалерка во изборот на Светската фудбалска федерација најмногубројни се од европскиот првак Лион, пет, и тоа Луси Бронз (сега во Манчестер сити), Делфин Каскарино, Саки Кумагаи, Џенифер Маросан и Венди Ренард. Номинирани се и Каролин Греам Хансен (Барселона), Џенифер Хермозо (Барселона), Перниле Хардер (Волфсбург и Челси), Jи Со-јун (Челси), Сем Кер (Челси) и Вивијан Миедема (Арсенал).