Егзодусот од Суперлигата претставува ретко видено понижување за идејниот творец на проектот – претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, пишува „Фајненшл тајмс“.

Перез имаше амбиција да ја искористи Суперлигата за зголемување на заработката на учесниците, односно за обезбедување на приходи во наредната деценија, што би претставувало олеснување за екипите оптоварени со долгови. Но тоа не беше фудбалска стратегија. Перез работеше заедно со финансиските советници со кои веќе се обидува да ја трансофрмира и шпанската градежна компанија „АЦС“.

Претходно месецов, тој соопшти план кој би можел да донесе стабилен прилив на пари за „АЦС“ на подолг временски период, преку понудата за купување на италијанската „Атлантиа“. Визијата на Перез за Суперлигата и за „АЦС“ претставува кулминација на неговото десетгодишно планирање и позиционирање во бизнисот. Но Перез открива дека незадоволството на јавноста ќе го отежне неговиот обид за реобликување на фудбалот.

– Малку сум разочаран бидејќи работевме на ова три години – кажа Перез во синоќешното интервју за шпанската радиостанициа „Кадења Сер“, критикувајќи го оркестрираниот и агресивен одговор на фудбалските организации предводени од УЕФА.

Тој сугерираше и дека одлуката на англиските клубови за повлекување влијаела и врз другите. Со крахот на Суперлигата и неизвесноста околу понудата на „АЦС“ за „Атлантиа“, Перез се соочува со два од неговите најголеми предизвици во долгогодишното работење, во кое успешно менаџира со бизнисот и со спортот. Сепак, рано е да се отпишува идејата на амбициозниот претседател на Реал Мадрид.

– Сигурен сум дека Перез ќе смисли нешто. Не отфрлате туку така проект на кој сте работеле четири години – кажа извор близок до Реал Мадрид.