Организацијата на европските лиги, која претставува 35 лиги на континентот од Европската фудбалска унија (УЕФА), ќе побара темелни реформи, бидејќи од најавените, како што велат, „корист ќе имаат само богатите и доминантни клубови“. На УЕФА ѝ се сугерира плановите за реформирање на клупскиот фудбал од 2024 година да ги започне „од нула“.

УЕФА и Европската асоцијација на клубови (ЕКА) имаат планови за европска фудбалска пирамида со промоција и испаѓање во и од Лигата на шампионите (ЛШ). Како што се предлага, во елитната ЛШ од 2024-та натаму би се натпреварувале 32 тима, поделени во четири групи. Најдобрите 24 тима би си ги задржале местата за следната сезона, што би значело крај на традицијата квалификувањето за европските натпреварувања да се обезбедува преку пласманот во националните лиги. Во таквата лига со нов формат би имало само четири места за шампионите од 54 национални лиги.

Бордот на европските лиги, кој го сочинуваат 13 луѓе и во кој се вклучени и поранешните шефови на англиската фудбалска лига и на Премиер-лигата, Шон Харви и Ричард Скадамор, се сретна во Варшава за да дискутира за предлозите на УЕФА. Бордот рече дека „останува на ставот оти реформите во европските елитни клупски натпреварувања ќе им одговараат на неколку богати и доминантни клуба, на штета на лигите и на клубовите што ќе се натпреваруваат во нив“.