Доведени во прашање и натпреварите во Лигата на шампионите

УЕФА вчера ги одложи сите меѓународни мечеви, а во меѓувреме ги покани претставниците на 55-те членки, потоа на Европската клупска асоцијација и на европските лиги, како и на организацијата на фудбалерите ФИФ-про, на видеоконференција во вторник, за да разговараат за реакцијата на европскиот фудбал по ширењето на коронавирусот

Сите натпревари во организација на Европската фудбалска унија (УЕФА), вклучувајќи ги и Лигата на шампионите (ЛШ) и Лига Европа (ЛЕ), нема да се играат следната недела. Во светло на развојот на настаните поради ширењето на коронавирусот во Европа и поврзаните одлуки донесени од различни влади, сите натпревари во клупските натпреварувања на УЕФА закажани за следната недела се одложени, објави УЕФА.

Ова ги вклучува преостанатите четири меча од осминафиналето во ЛШ, закажани за 17 и 18 март, потоа сите реванши од осминафиналето на ЛЕ што требаше да се играат на 19 март, потоа сите мечеви од младинската лига на УЕФА. Понатамошните одлуки за тоа кога ќе се одржат овие натпревари ќе бидат соопштени наскоро. Како последица на одложувањата на мечевите, одложена е и ждрепката за четврт-финалето на ЛШ и на ЛЕ, закажана за 20 март.

УЕФА ги покани претставниците на 55-те членки, заедно со претставниците на Европската клупска асоцијација (ЕКА) и европските лиги, како и претставник на организацијата на фудбалерите ФИФ-про, на видеоконференција во вторник, за да разговараат за реакцијата на европскиот фудбал по ширењето на коронавирусот.

По мечевите неделава во четврт-финалето на ЛШ се пласираа Аталанта (Италија), Лајпциг (Германија), Атлетико (Шпанија) и ПСЖ (Франција). Идната недела на програмата беа уште четири реванши од осминафиналето, и тоа Барселона – Наполи (прв меч 1-1), Баерн – Челси (3-0), Манчестер сити – Реал Мадрид (2-1) и Јувентус – Лион (0-1).

Многу европски лиги веќе одлучија да ги прекинат првенствата до крајот на месецот или до почетокот на април.