Европската фудбалска унија (УЕФА) размислува преостанатите натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) да се доиграат од 7 до 31 август годинава, пренесува британскиот „Дејли мејл“, повикувајќи се на „Скај Италија“. Ваквите најави доаѓаат во пресрет на серијата видеосостаноци што треба да ги одржи УЕФА од денеска до четврток, со сите заинтересирани страни, со претставници на 55-те земји-членки, со Европските лиги (ЕЛ) ит.н, на кои треба да се разговара како и кога да заврши тековната сезона во услови на пандемијата на коронавирусот.

Според „Скај спорт Италија“, прво би требало да се завршат националните шампионати, до крајот на јули, а потоа европските куп-натпреварувања. Неодиграните реванши од осминафиналето на ЛШ, Лион – Јувентус и Барселона – Наполи, би требало да се играат на 7 и на 8 август.

Потоа би се играле натпревари на секои три дена, дома и на гости, во четврт-финалето (на 11/12 и 14/15) и во полуфиналето (на 18/19 и 21/22) и потоа финалето во Истанбул, на 29 август. Тоа значи и дека натпреварите во групната фаза во ЛШ во следната сезона би почнале од 20 октомври, еден месец подоцна од вообичаениот термин.