Белгија, Шпанија, Италија, Полска, Русија и Украина во октомври обезбедија пласман на ЕП, а од денеска до вторник, кога завршуваат квалификациите, ќе се дознаат уште 14 учесници на шампионатот. Во март в година 16 репрезентации ќе се тркаат за уште четири места, преку четирите плејофа во Лигата на нациите

Фудбалските гиганти, светскиот првак Франција, европскиот шампион Португалија и Англија со победи на вечерашните мечеви над Молдавија, Литванија и Црна Гора ќе го заверат пласманот во завршницата на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Со тоа ќе им се приклучат на Белгија, Шпанија, Италија, Полска, Русија и Украина, кои по октомвриските натпревари си ја завршија работата.

Во случај на кикс пред своите навивачи „триколорите“, кои на првиот меч на гости во март славеа со 4-1, ќе имаат поправен в недела на гостувањето против Албанија. Португалците се во слична ситуација, потребни им се победи над Литванија, но и над Луксембург, двете последнопласирани репрезентации во групата, за сигурен пласман на ЕП 2020. На Англичаните, кои вечерва против Црна Гора ќе го играат 1.000-от репрезентативен меч во историјата, доволна им е една победа на двата меча (в недела му гостуваат на Косово).

Англичаните првиот интернационален фудбалски натпревар го одиграле пред 147 години, во 1872 година, против Шкотска (0-0), против која одиграле и најмногу натпревари, 114. Оттогаш билансот на Англичаните на 999-те натпревари, во дуелите против 69 различни земји, е 568 победи, 241 реми и 190 порази, со гол-разлика 2.188-984.

Вкупно 1.244 фудбалери го носеле дресот на Англија, а рекордер според бројот на настапи во репрезентацијата е голманот Питер Шилтон, 125, во периодот од 1970 до 1990 година. Најдолга репрезентативна кариера имал Стенли Метјус, 22 години и 228 дена, од 1934 до 1957 година. Тотенхем (78 фудбалери), Ливерпул и Астон вила (по 74) се рекордери според бројот на нивни играчи, репрезентативци.

Големиот јубилеј вечерва на стадионот „Вембли“, каде што се одиграни најмногу натпревари, вкупно 288 (на стариот 223, а на новиот Вембли 65), ќе биде одбележан на повеќе пригодни начини. Еден од нив ќе биде и тоа што фудбалерите ќе носат дресови со „наследни бројки“. Бројот 1 на дресот ќе му припаѓа на Баркер од 1872 година, последниот засега, со бројот 1.244, на Тајрон Мингс. Сегашниот селектор Гарет Саутгејт ќе добие дрес со бројот 1.047 под амблемот. Бројот 999 му припаѓа на Стјуарт Пирс, а 1.000-та на Нил Веб, играч на Нотингем форест, кој играл на мечот против Бразил во 1987 година. Вкупно 122 фудбалери ја имале честа да бидат капитени на Англија, за која најголемиот успех е освојувањето на титулата светски првак во 1966 година, на домашен терен. 


Квалификациите ќе ги одредат учесниците во плејофот на Лигата на нациите

Плејофот на Лигата на нациите (ЛН) во март следната година ќе биде последната шанса за 16 репрезентации да се најдат во завршницата на фудбалското Европско првенство (ЕП), меѓу нив и Македонија, преку дополнителни два меча. Во тој плејоф нема да играат третопласираните репрезентации од квалификациските групи, туку учесниците ќе бидат одредени според вкупниот пласман во Лигата на нациите (ЛН).
Победниците во секоја дивизија и во секоја лига автоматски си обезбедија место во плејофот, и секоја од четирите лиги ќе има свој плејоф. Во лигата Д, покрај Македонија, сигурни се Грузија, Белорусија и Косово. Ако некоја селекција обезбеди пласман на ЕП преку квалификациите, тогаш таа ќе ѝ го отстапи местото во плејофот на следната селекција според вкупниот пласман во Лигата на нациите.
Така, на пример, ако сите четворица победници на групите во лигата А (Португалија, Холандија, Швајцарија, Англија) директно обезбедат пласман на ЕП, нивното место во плејофот ќе го заземат следните репрезентации според вкупниот пласман во ЛН. Португалија, како прв победник во ЛН, не се квалификува директно на ЕП, и во случај да извиси во квалификациите, повторно ќе мора да игра плејоф. Л.Д.