Во нокаут-фазата на СП во Русија се пласираа 10 европски репрезентации, четири јужноамерикански и по една од Азија и од Северна Америка. Првпат по СП 1982 во осминафиналето нема африканска селекција. ВАР го положи испитот, а на 48 натпревари беа досудени рекордни 24 пенали

Десет од 14-те европски фудбалски репрезентации, четири од петте јужноамерикански и по една од Азија и од Северна Америка си обезбедија пласман меѓу 16-те најдобри на Светското првенство (СП) во Русија. Тоа е во рамките на очекувањата и на предвидувањата, со оглед на квалитетот и на реномето на репрезентации од овие континенти, кои меѓу себе ги имаат поделено сите светски титули досега, Европа 11, а Ј. Америка девет.
Најголемото изненадување е раната елиминација на актуелниот, четирикратен светски првак, Германија, а во категоријата изненадувања спаѓа и тоа дека во втората рунда ќе нема ниту една репрезентација од Африка, што е најслаб ефект за селекциите од овој континент по СП 1982 во Шпанија. Прикажаниот фудбал во првата рунда заслужува преодна, висока оценка. Имаше интересни и возбудливи натпревари, доста голови (само еден меч заврши со резултат 0-0). Карактеристика на оваа фаза, на повеќето од 48-те натпревари, е драмата во последните минути од натпреварите, кога беа постигнати доста голови и се решаваа победниците.

Во првата рунда на ова СП беа постигнати 118 гола, што не е некоја фасцинантна бројка. За споредба на минатите СП, од 1998-та, кога првпат настапија 32 селекции, во првата рунда беа постигнати 126, во 2002-та 130, во 2006-та 117, во 2010-та 101, а во 2014-та, 136 гола.
Она по што можеби најмногу ќе се памети и ќе се споменува ова СП, секако, е воведувањето на видеоасистент-судијата (ВАР), првпат на едно големо натпреварување. Првичниот, општ впечаток кај повеќето селектори, фудбалери и стручни коментатори е поволен, но има и доста забелешки што држат вода и сигурно во иднина ќе треба нешто да се коригира.

Неоспорно е дека грешките на судиите, барем оние поголемите, кои во минатото директно влијаеја на исходите на некои мечеви ги немаше, а на минимум се сведени и некои помали, односно она што судијата или неговите помошници на теренот ќе пропуштат да го забележат, веднаш го коригираат нивните колеги од ВАР-секторот. Забелешките на сметка на судиите се за нивната некоординираност, бавноста при донесувањето одлуки, прегледите на снимките понекогаш траат предолго, а проблем е и неуедначениот, доста растеглив критериум.
Во групната фаза беа досудени 24 пенали, што е рекордна бројка, и ако ништо друго, барем натпреварите станаа поинтересни за неутралците. Во првиот круг беа поставени и некои нови рекорди, како оној на голманот на Египет, Есам Ел-Хадари, кој на мечот против Саудиска Арабија имаше 45 години и 161 ден, со што стана највозрасниот фудбалер што настапил на СП, Роналдо стана најстар стрелец на хет-трик на мундијалите, итн.