Влатко Андоновски

ФИФА ги анализира четирите начела во работата на Андоновски, кој го израмни најдобриот почеток на мандат на еден селектор на САД со скор од 10 победи, без пораз, за навивачите да знаат што можат да очекуваат од светските првенки на ЛОИ, а тоа се високиот и координиран пресинг во нападот, формациската поставеност 4-3-3 со Џули Ерц како централен играч, индивидуалната слобода во играта и повторното блеснување на Карли Лојд и на Кристен Прес

ФИФА

Ако треба со три збора да го опишам мојот стил на работа, тие би биле: атрактивен, напаѓачки и агресивен фудбал, ја пренесува Светската фудбалска федерација (ФИФА) изјавата на селекторот на женската репрезентација на САД, Влатко Андоновски, во текстот за македонскиот стручњак и неговата работа откако застана на кормилото на светскиот првак. Репрезентацијата на САД обезбеди пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, откако одигра беспрекорно во квалификациите, без примен гол, а потоа славеше и на пријателскиот турнир неодамна, победувајќи ги селекциите на Англија (2-0), Шпанија (1-0) и на Јапонија (3-1).

По пет многу успешни години под водство на селекторката Џил Елис и освојувањето на две светски првенства, продолжението на одличните резултати на женската репрезентација на САД стручњаците го сметаат за еволуција на играта на женскиот национален тим, пишува ФИФА, која реши да ги анализира четирите начела во работата на Андоновски, за навивачите да знаат што можат да очекуваат од светските првенки на ЛОИ. Според ФИФА, тоа се високиот и координиран пресинг во нападот, формацијата 4-3-3 со Џули Ерц како централен играч, индивидуалната слобода во играта и повторното блеснување на Карли Лојд и на Кристен Прес.
Една од новите карактеристики под раководство на Андоновски е примената на високиот пресинг, од почетокот на мечот, со играчи како Лојд, Прес и Тобин Хит. Тие во текот на целиот меч со Англија секогаш кога ќе ја загубеа топката постојано притискаа за да ја освојат високо на противничкиот дел од теренот.

– Ние од напаѓачката тројка навистина многу трчаме и ја притискаме противничката одбрана и тоа многу ми одговара. Цела кариера сум играч од средниот ред и знам како да ги остварам тие цели во играта. Повеќемина сметаат дека напаѓачите не ги сакаат одбранбените задачи, но со оваа формација и со начинот на кој играме, ние сме почетокот на одбраната – рече Лојд.
А Андоновски можеби најдобро го опишува ова: „Во нашата ДНК е да ги натераме тимовите на дефанзива“, пишува ФИФА.
Во формациската поставеност на играта 4-3-3, централната напаѓачка Ерц е можеби најважниот играч на САД. Нејзини клучни елементи на таа позиција се прегледноста на играта, агресивноста и навремените стартови, особено против селекции што имаат голем посед на топката.

– Имам чувство дека Ерц може да биде најважниот играч за овој состав. Не го знаев тоа додека не почнав да работам со овој тим, но колку повеќе работиме, играме заедно, добивам чувство дека целата игра се врти околу неа. Таа дефинитивно го поврзува тимот, вистинска професионалка е и задоволство е да се работи со неа – ја пренесува ФИФА изјавата на Андоновски.
Голем дел од фудбалерките сметаат дека Андоновски ја поттикнува нивната индивидуална креативност кога ја имаат топката кај себе, пишува ФИФА.
– Со Џил бевме во систем со јасно поставени задачи за играчите, кој не секогаш дозволуваше да блесне индивидуалниот поединечен квалитет. Чувствувам дека сега има слобода во играта, со помалку размислување што треба да правиме во конкретна ситуација, а повеќе што сметаме дека треба да направиме – вели Прес.
Андоновски го извлече најдоброто од играчите, кои напредуваат во ситуациите еден на еден, посигурни се во дриблинзите и го користат секој свој талент да ги надмудрат противничките, а од доаѓањето на Андоновски, Лојд и Прес се чини дека го кренаа нивото на својата игра, пишува ФИФА. Прес постигна девет гола на претходните 10 меча, а директно учествувала во 25 гола во претходните 26 настапи, постигнувајќи 11 гола и 14 асистенции.

– Можам да помогнам во предводењето на тимот и да го почнувам пресингот, а имајќи некој што ме почитува како личност, како играч, гледа колку работам на секој тренинг и на секој натпревар, јас сум само тука за да продолжиме да се подобруваме. Имаме неверојатен тим и сѐ додека се подобруваме, овој тим ќе биде незапирлив – смета Лојд.
Андоновски го израмни најдобриот почеток на мандат на еден селектор на САД со скор од 10 победи, без пораз, како што имаше некогашната селекторка Пиа Сандхејџ.