Евертон нема победа во градското дерби Мерсисајд точно една деценија, по триумфот на 17 октомври 2010 година со 2-0. „Пријателското дерби“ е најстаро во Англија (денеска се игра 235-то по ред) и постои 128 години, а дуелот помеѓу двата ливерпулски клуба го нарекуваат така бидејќи нема подвоеност по речиси ниедна основа

Во дербито Мерсисајд, 235-то по ред, на стадионот „Гудисон парк“ во Ливерпул (денеска 13.30 часот) водечкиот на табелата, Евертон, го пречекува актуелниот шампион во Премиер-лигата, Ливерпул. Евертон нема победа во градското дерби цела деценија (17 октомври 2010 година со 2-0) и прашањето е дали избраниците на тренерот Карло Анчелоти, кои одлично ја почнаа сезоната и се со максимален ефект по четирите кола, можат да ја прекинат лошата серија. Ливерпул, пак, во паузата за меѓународни натпревари се обидуваше да се соземе од високиот пораз од Астон вила, 2-7.
Од тој пораз пред 10 години Ливерпул има ефект од 11 победи и 11 ремија против Евертон во сите натпреварувања. Осум од тие нерешени средби се на „Гудисон парк“. Од 2015 година Ливерпул на петте гостувања четири пати одиграл нерешено, а еднаш триумфирал.
„Пријателското дерби“ е најстаро во Англија и постои 128 години, а дуелот помеѓу двата ливерпулски клуба го нарекуваат така бидејќи нема подвоеност по речиси ниедна основа. Често можеше да се видат навивачи како седат еден до друг на трибините, во црвени и сини дресови, па дури се случува во едно семејство да има навивачи на двата клуба. За жал, поради пандемијата на ковид-19 денеска „Гудисон парк“ ќе биде празен.

Но мора да се каже и дека постои големо ривалство меѓу двата клуба, кое стана поагресивно во минатите педесетина години, за што сведочи и фактот дека на ниту еден друг натпревар во историјата на Премиер-лигата не биле покажани повеќе црвени картони, 21.
Ливерпул е поуспешен во меѓусебните дуели, со 93 победи на 234-те меча. Евертон има 66 победи, а 75 натпревари завршиле без победник. Најефикасен на тие мечеви е Иан Раш од Ливерпул со 25 гола. Во ерата на Премиер-лигата, од сезоната 1992/93 најмногу голови, девет, постигна Стивен Џерард (Ливерпул).
Викендов се играат уште неколку градски дуели во други европски земји, како, на пример, Интер – Милан, Селтик – Ренџерс, Партизан – Црвена звезда, Феенорд – Спарта…