Вечерашниот натпревар во Келн, меѓу освојувачите на осум трофеи во ова натпреварување, ќе биде прв во европските купови

Во вечерашното финале во Лига Европа (ЛЕ), порано Куп на УЕФА, во Келн, Германија, ќе играат двете најуспешни екипи во ова натпреварување, петкратниот победник, шпанска Севилја (2006, 2007, 2014, 2015, 2016) и трикратниот, италијански Интер (1991, 1994, 1998). Ова ќе биде прв меч меѓу овие две екипи во европските купови.
Севилја, која ја нарекуваат и специјалист за ова натпреварување (ги доби сите пет финалиња), не е поразена на последните 20 натпревари во сите конкуренции, победувајќи на осум од последните девет меча и е во врвна форма. Севилја беше импресивна на завршните нокаут-мечеви против Рома, Вулверхемптон и Манчестер јунајтед. Нивното искуство во ова натпреварување им дава предност, тие знаат како да ја завршат работата, коментираат шпанските медиуми.

Но и Интер, кој ќе го игра петтото финале, предводен од Антонио Конте, поседува доста квалитети. Како што минуваше времето по продолжувањето на прекинатата сезона, Интер играше сѐ подобро. Тимот е одлично избалансиран, игра цврсто во одбраната за што сведочи само еден примен гол на последните осум натпревари, а напаѓачката линија редовно дава голови. Ромелу Лукаку постигна гол и повеќе на рекордни 10 меча во низа, а Лаутаро Мартинез ја пронајде вистинската форма во полуфиналниот меч против Шахтар. Најавите од Италија се дека Конте по петти пат нема да ги менува стартните 11 фудбалери.
Финалето ќе биде и своевидно надмудрување меѓу двајца врвни тренери, Хулен Лопетеги, на Севилја, поранешен селектор на младата и на сениорската репрезентација на Шпанија и на Реал, и Антонио Конте, освојувач на повеќе шампионски титули со Јувентус и со Челси.

Севилја ја има забележано најубедливата победа во финалето, во 2006-та над Мидлсбро (4-0), а има одиграно и еден од двата финални меча што завршиле без голови, против Бенфика 2014-та (победи со 4-2 на пенали). Вториот финален дуел без голови беше Галатасарај – Арсенал (4-1 на пенали) во 2000-та. Во финалињата со по еден натпревар, ниеден фудбалер не постигнал хет-трик. По два гола дале 19 играчи, последен Еден Азар лани на мечот Челси – Арсенал (4-1). Најтрофеен меѓу фудбалерите во ЛЕ е Хозе Антонио Рејес, кој лани настрада во сообраќајна несреќа, со пет трофеи, два со Атлетико (2010 и 2012), и три со Севилја (2014, 2015 и 2016).