Во тек е трка за технолошки предности на теренот, но сѐ повеќе, над него. Најновиот додаток на глобалниот пазар на спортска технологија, вреден 12 милијарди долари, е комбинираната технологија на дронови и вештачка интелигенција

Со милионите долари што се „во игра“, тренерите се приклучија на трката за технолошки предности на теренот, но сѐ повеќе, над него. Најновиот додаток на глобалниот пазар на спортска технологија, вреден 12 милијарди долари, е комбинираната технологија на дронови и вештачка интелигенција на неколку компании.
Една од овие компании е шпанската „Флај-фут“, со седиште во Мадрид, која на професионалните тимови, но и на оние од аматерските лиги, им нуди снимки и анализи од беспилотните летала. Неодамна компанијата доби поддршка од „Спортбуст“, стартап-акцелератор или компјутерска програма што ја лансира Икер Касилјас, поранешниот голман на Реал Мадрид и на шпанската репрезентација.
– Нашите конкуренти се потпираат врз собирање фотографии и снимки со користење камери закачени високо, но тие не се толку добри како оние што имаат целосна видливост од височина. Друг важен аспект на користењето дронови е нивната способност да го доловат движењето низ теренот. Дронот ви дава флексибилност да го видите секое движење на секој играч од гледна точка што е потребна за да се анализираат играчите и нивните позиции.

Јас сум љубител на дроновите, но не сум единствениот – вели Луис Лагостера, извршен директор и основач на „Флај-фут“.
Според Лагостера, врвните тимови од англиската Премиер-лига, шпанската Ла лига, италијанската Серија А и од француската Лига 1, користат дронови за снимање на тренинзите.
– Пеп Гвардиола користи дронови во Манчестер сити од 2017 година, Жозе Мурињо користи дронови во Рома. Манчестер јунајтед, ПСЖ и Монако, исто така, користат дронови. Во Шпанија, Атлетико ја користи нашата технологија – вели тој, чија компанија работи со Валјадолид и со Леганес, а во моментов е во преговори со неколку тима од Англија.
Во САД, НФЛ во американски фудбал беше првата голема американска спортска лига што пред неколку години дозволи беспилотни летала да снимаат тренинзи.
Покрај професионалните фудбалски тимови во шпанската прва лига, „Флај-фут“ работи и со 69 отсто од тимовите во аматерските фудбалски лиги во Шпанија. Неговиот најнов производ, „флај-фут про“, ги комбинира тренинзите и снимките од натпреварите на одреден тим или лига за да ги анализира играчите. Во моментов, компанијата е проценета на 12,6 милиони евра, со цел следната година таа вредност двојно да се зголеми.