Тој ќе им помага со совети на колегите на теренот при проверка на повреди на главата и евентуален потрес на мозокот на фудбалерите, а овој новитет дебитира на клупското СП

Клупското Светско првенство (СП) во Катар, во организација на Светската фудбалска федерација (ФИФА), е првото фудбалско натпреварување на кое ќе биде вклучен дополнителен лекар на трибините, т.н. „набљудувач“, кој треба да помогне во идентификувањето на повредите, особено кога постои сомневање за потрес на мозокот, пишува англиски „Телеграф“.

Лекарот ќе може да ги прегледуваа снимките и преку радиоврска ќе биде во контакт со колегите покрај теренот. Овој потег следува по апелот од Светската унија на играчи, ФИФПро, како и од многубројните невропатолози за подобри протоколи при потенцијалните потреси на мозокот во фудбалот. Ваквите промени следуваат по историското истражување на Универзитетот во Глазгов, кое покажа дека кај поранешни професионални фудбалери постои 3,5 пати поголема веројатност да умрат од деменција и од други болести на мозокот.

– Го поздравуваме овој позитивен потег. Потресот на мозокот е најтешката повреда во фудбалот за идентификување и затоа е потребна дополнителна проверка. Дополнителниот лекар на медицинскиот тим на теренот може да му обезбеди основни информации за потенцијалниот потрес на мозокот. Тука се вклучуваат 10-те минути за процена дали играчот претрпел потрес на мозокот за време на натпревар, како и минимум шест дена пауза пред тој повторно да почне со тренинг и играње – вели шефот на медицинскиот персонал во ФИФПро, Французинот Венсан Гутбарж.

Лекарите во англиската Премиер-лига, Фудбалската асоцијација (ФА), УЕФА и ФИФПро, ја поддржуваат идејата за привремена замена при потрес на мозокот, што формално треба да го верификува телото за промени на правилата на играта.