Најдобриот играч на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2020 во фудбал, голманот на Италија, Џанлуиџи Донарума, потпиша петгодишен договор со францускиот Пари Сен Жермен. Донарума (22) беше слободен играч по истекот на договорот со Милан, каде што дебитира на 16-годишна возраст и остана на голот во следните шест сезони.
Донарума имаше голем удел во освојувањето на титулата европски шампион со „азурите“ и беше херој во пенал-серија во полуфиналето против Шпанија и во финалето против Англија. Донарума е третиот слободен играч што пристигна во ПСЖ летово, по холандскиот играч за врска, Џорџинио Вајналдум (30) од Ливерпул, и дефанзивецот на Реал Мадрид, Серхио Рамос (35). ПСЖ го ангажира и десниот бек Ахраф Хакими (22) од Интер.