Фото: Игор Бансколиев

Иако не зависи сѐ од нас, но сепак има шанса и таа шанса ќе ја бркаме до крајот, изјави Елиф Елмас пред мечот на македонската репрезентација утре, на гости кај Ерменија, во 9-то коло, во трката за второто место во групата Ј, кое носи настап во баражот за пласман на Мундијалот

ФУДБАЛ – ЕЛИФ ЕЛМАС ПРЕД МЕЧОТ ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2022 ВО КАТАР

Лидерот во групата Ј, Германија (21 бод од осумте меча), стана првата европска фудбалска репрезентација што се квалификува за финалниот турнир на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, па затоа сега фокусот е на тоа која селекција ќе го освои второто место што води во плејофот. Четири репрезентации се во игра и сите се среќаваат утре, Ерменија ја пречекува Македонија, а Романија му е домаќин на Исланд. Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови прво што решава е вкупната гол-разлика.
– Има доста играчи што недостигаат, но тоа не е изговор, одиме на победа во Ерменија. Иако не зависи сѐ од нас, но сепак има шанса и таа шанса ќе ја бркаме до крајот. Треба да очекуваме доста борба, треба да бидеме паметни. Треба да покажеме жар за победа, затоа што е можно Романија да киксне, па со две победи да играме во баражот. Докажавме дека можеме да играме со сите репрезентации, сега треба да покажеме дека повеќе го посакуваме тоа второ место од Ерменија и од Романија – изјави Елиф Елмас, за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Македонија ќе се обиде да се рехабилитира по поразот од Германија во Скопје (0-4) и да забележи победа. Селекторот Благоја Милевски има доста проблеми со неиграњето на неколкумина играчи, како Аријан Адеми, Бобан Николов, Адис Јаховиќ, Ердал Ракип (повреди) и Стефан Ристовски (жолти картони). Македонија утревечер ја очекува тежок натпревар против Ерменија, која ќе има цел да ѝ стави крај на серијата од пет натпревари без победа (три ремија и два пораза) по трите победи во првите три кола, што би значело задржување на шансите за пласман на втората позиција што води во баражот. Селекторот на Ерменците, Хоакин Капарос, мечот ќе го следи, или води, од трибините поради исклучувањето на дуелот со Романија (0-1) во октомври.

– Имаме теоретски шанси за освојување на второто место и ќе дадеме сѐ од себе за да оствариме победи на двата последни меча. Повредите се дел од фудбалот. Недостигаат неколкумина, но убеден сум дека ние што сме тука ќе ја оправдаме довербата на селекторот. Ја анализираме Ерменија, треба да бидеме поконкретни и подобри во нападот – вели за ФФМ репрезентативецот Бојан Миовски (22), напаѓач на унгарскиот МТК.
На мечот во Скопје помеѓу Македонија и Ерменија, во септември, немаше голови. Утрешниот натпревар ќе биде 12-ти меѓусебен да двете селекции, а на претходните 11 дуели резултатот е идентичен, по четири победи, со три ремија.
Кога станува збор за бодовните калкулации, треба да се има на ум дека Македонија во последното коло го пречекува Исланд во Скопје, а Ерменија игра дома со Германија. На хартија најлесна задача би требало да имаат Романците, кои во последното коло, в недела, му гостуваат на Лихтенштајн.