Капитенот на Србија Александар Коларов стана цел на критики

Додека Македонија ги слави фудбалските херои кои изборија прво учество на големите репрезентативни натпреварувања, соседна Србија деновиве се обидува да ги пронајде виновниците за неуспехот на нејзината репрезентација во плејофот за Европското првенство, доведувајќи ја во прашање и посветеноста на фудбалерите кон националниот дрес.

Најголемо внимание во Србија привлече неиграњето на капитенот Александар Коларов во одлучувачкиот меч против Шкотска, а отсуството на официјално објаснување поттикна бројни шпекулации. Искусниот дефанзивец кој имаше проблеми со повреда, наводно го информирал раководството на Фудбалската федерација на Србија дека не може да настапи против Шкотска, на три часа пред мечот, поради забрана од неговиот клуб Интер. Така Коларов стана цел на бројни критики, и покрај тоа што селекторот Љубиша Тумбаковиќ потоа застана во негова одбрана.

– Кога си во репрезентацијата, тоа е како да си во војна. Само чекаш команда што треба да сториш. Кој нема одговорност и свест дека од него зависи расположението на нацијата, нема право да го облече репрезентативниот дрес – кажа легендарниот хрватски фудбалски тренер Чиро Блажевиќ, осврнувајќи се на ситуацијата со Коларов.

Од друга страна „војничкиот менталитет“ при настапувањето за репрезентацијата можеше да се забележи кај „рисовите“. Аријан Адеми стисна заби и одигра 68 минути по кои мораше да биде изнесен од теренот во Тбилиси, и покрај тоа што не се очекуваше да настапи на мечот поради повреда на предната ложа. Капитенот Горан Пандев кој го постигна одлучувачкиот гол во победата против Грузија за пласман на ЕП 2021, ниту еднаш не го доведе во прашање играњето за Македонија, наспроти можните проблеми со прописите во Серија А, кои се спомнуваа во италијанските медиуми, според кои клубовите не го одобрија патувањето на интернационалците поради ситуацијата со ковид-19. Истото се однесува и за Елиф Елмас и за Илија Несторовски кои играат во Италија. Доказ за заедништвото и добрата атмосфера во македонската селекција претставуваше и охрабрувачката порака која Енис Барди ја упати до соиграчите пред мечот со Грузија, на кој не можеше да игра поради повреда.

Пожртвуваниот однос на македонските репрезентативци беше награден со учество на Европското првенство в година, додека Србија пропушти прилика да се најде меѓу најдобрите селекции на Стариот Континент. Извесно е дека по поразот на „орлите“ од Шкотска во Белград (4-5 на пенали, откако мечот заврши 1-1 по 120 минути игра) на виделина излегоа бројни проблеми во тамошниот фудбал, кои ги посочи и прославениот српски фудбалер Немања Видиќ преку соопштение до медиумите. Поддршка на поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед му изразија и поранешниот македонски и српски селектор Љубинко Друловиќ, како и други фудбалски имиња во Србија, кои исто така јавно проговорија за ситуацијата. М.Ж.