Фудбалерот на Јувентус, Аргентинецот Пауло Дибала, и поранешниот капитен на Италија, Паоло Малдини, имале позитивни тестови на коронавирус. Во пораката на својот инстаграм-профил, Дибала (26) напишал дека тој и неговата девојка се заразени од вирусот, но и оти се во добра здравствена состојба.
Техничкиот директор на Милан, Малдини, и неговиот син Даниел, кои исто така се позитивни, во клупското соопштение напишале дека двајцата „се добри“. Клубот додаде дека Даниел Малдини (18) тренирал со првиот тим на Милан и дека тој и неговиот татко Паоло (51) поминале две седмици во самоизолација дома и ќе останат во карантин „сѐ додека не заздрават“. Дибала е третиот играч на Јуве за кого се потврди дека го има вирусот, по Даниеле Ругани и Блеиз Матуиди.
Поранешниот играч на Евертон и на Манчестер јунајтед, моментно играч на кинескиот Шандонг Луненг, Маруан Фелаини (32), исто така, бил позитивен на коронавирус при пристигнувањето вчера во покраината Јинан, соопшти локалното одделение за здравство.