Во категоријата за најдобар млад играч (до 23 години) фаворит за добивање на наградата е бекот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд. Добитниците на вредните признанија треба да бидат соопштени денеска

Белгиецот Кевин де Брујне, фудбалерот од средниот ред на Манчестер сити, е најсериозниот кандидат за добивање на признанието за најдобар играч во Премиер-лигата за сезоната 2019/2020 во изборот на Здружението на професионални фудбалери (ПФА) на Англија. Во потесниот круг кандидати се повеќе играчи и на новиот шампион, Ливерпул, како капитенот Џордан Хендерсон, потоа голманот Алисон Бекер, Вирџил ван Дајк, Садио Мане и Мохамед Салах, потоа Рахим Стерлинг од Манчестер сити, како и, засега, првиот стрелец во Лигата со 23 гола, Џејми Варди од Лестер.

Во категоријата најдобар млад играч (до 23 години) фаворит за добивање на наградата е бекот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд, кој сезонава постигна и четири гола и имаше 13 асистенции. Во конкуренција се и двајца играчи на Челси, Тами Абрахам и Мејсон Маунт. Добитниците на вредните признанија треба да бидат соопштени денеска.
Де Брујне имаше одлична сезона и на едно коло до крајот на сезоната веќе прокнижи 19 асистенции, само една помалку од рекордните 20 на Тиери Анри од Арсенал во сезоната 2002/2003.

Признанието се доделува од 1974 година (прв добитник е Норман Хантер од Лидс). Лани за најдобар беше прогласен Ван Дајк, а во 2018 година Салах. Во минатите 46 години само петмина играчи двапати го добиле признанието. Тоа се Марк Хјуз од Манчестер јунајтед (1989 и 1991 година), Алан Ширер (1995 и 1997), играјќи за Блекбурн и за Њукасл, потоа Анри од Арсенал (2003 и 2004), Кристијано Роналдо во дресот на Манчестер јунајтед (2007 и 2008) и Герет Бејл од Тотенхем (2011 и 2013).