Си­те по­бед­ни­ци УЕФА ќе ги објави на 1 октом­ври

ФУДБАЛ – ИЗБОР ЗА СЕЗОНАТА 2019/2020

Најдобриот стрелец на Лигата на шампионите (ЛШ), Роберт Левандовски, голманот на европскиот првак, Мануел Ноер, и првиот асистент на сезоната, Кевин де Брујне, се кандидатите за наградата на Европската фудбалска унија (УЕФА) за најдобар фудбалер во Европа за сезоната 2019/2020.
Полскиот напаѓач постигна 55 гола на 47 меча во сите натпреварувања за Баерн, со 15 гола беше прв стрелец на ЛШ, во сезоната во која Баварците освоија три трофеи, станаа европски прваци, триумфираа во Бундес-лигата и во Купот на Германија. Во некој од попознатите избори на најуспешните фудбалери во Европа од Полска досега само Казимјеж Дејна и Збигњев Боњек во 1974, односно во1982 година беа трети во трките за „златната топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“. УЕФА доделува награди од 1997 година, а од полските фудбалери само токму Левандовски се наоѓаше меѓу најдобрите, оти беше петти за сезоната 2012/2013 и деветти во 2016/2017. Во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), која доделува награди за најдобрите во светот од 1991 година, досега немало полски фудбалер меѓу победниците.

Ноер не прими гол на шест меча во ЛШ и пропушти само еден меч цела сезона за Баерн. Досега само еден голман има годишна награда од УЕФА и вкупно двајца чувари на мрежата се со највисоко признание во некој од трите избора. УЕФА за сезоната 2002/03 го прогласи Италијанецот Џанлуиџи Буфон за најдобар фудбалер во Европа, а „Франс фудбал“на голманот Лав Јашин (СССР) му ја додели „златната топка“за најдобар фудбалер на Европа за 1963 година. Наградата на ФИФА досега не ја добил ниту еден голман (Германецот Оливер Кан беше втор во 2002 година). Од Германија наградата на УЕФА ја добил Стефан Ефенберг (2001), таа на ФИФА Лотар Матеус (1991), а „златната топка“ ја освоиле Франц Бекенбауер (1972 и 1976), Карл-Хајнц Румениге (1980 и 1981), Герд Милер (1970), Матеус (1990) и Матијас Замер (1996).
Играчот за врска на Манчестер сити, Де Брујне, забележа 20 асистенции (има и 13 гола) во Премиер-лигата минатата сезона, најмногу во Европа. Тој може да стане првиот Белгиец со голема индивидуална награда. Претходно Еден Азар беше шести, седми и деветти (2015, 2019, односно 2018 година) во трката за наградата на УЕФА, а Де Брујне беше седми во 2018 година.

Кај фудбалерките во конкуренција за наградата се бекот на Манчестер сити, Луси Бронз, напаѓачот на Челси, Пернила Хардер и дефанзивецот на Лион, Венди Ренар. Ханс-Дитер Флик од Баерн, Јирген Клоп од Ливерпул и Јулијан Нагелсман од Лајпциг се номинирани за наградата за тренер на сезоната на машка екипа. Луис Кортес од Барселона, Стефан Лерч од Волфсбург и Жан-Лик Васер од Лион, пак, се во потесниот избор за наградата во женска конкуренција. Сите победници ќе бидат објавени на 1 октомври.