Дерби-мечот во првото коло од 27-то издание на Првата фудбалска лига на Македонија, во Тетово, меѓу бранителот на титулата, Шкендија, и најтрофејниот македонски клуб, Вардар, заврши без победник, 2-2 (Ибраими во 54-та, Бојку во 73-та, Барсегјан во 5-та, Попов во 85-та минута). Шкендија не реализира пенал преку Ибраими во 13-та минута, но беше и уморна по мечот на гости против Салцбург (0-3) во средата, во третата квалификациска рунда во Лигата на шампионите (ЛШ).
Во вториот меч од првото коло одигран во саботата, Ренова го изненади Работнички победувајќи го со 4-3 (Сулејмани во 4-та, Јусуфи во 12-та, Стојановски во 48-та и во 68-та, Петковски во 23-та, Стјепановиќ во 55-та, пенал, Ристевски во 86-та, автогол, минута).

Она што може да радува се многуте постигнати голови, вкупно 11 на двете средби, по многу топло и спарно време што е најава дека и во продолжението од шампионатот ќе гледаме интересни и резултатски неизвесни средби.
Преостанатите три меча од првата рунда, се играа вчера попладне, од 17 часот: Силекс – Шкупи, Победа – Беласица и Академија Пандев – Македонија ЃП.
Шефот на Стручниот штаб на Вардар, Александар Васоски, рече дека е задоволен со ремито, но и дека жали за вториот примен гол.
– Бод на гости против актуелен шампион е добар почеток. Генерално задоволен сум, но има простор за напредок во нашата игра – рече Васовски по мечот.