Левандовски постигна хет-трик на мечот против Борусија Менхенгладбах (6-0) и стигна до бројката од 39 гола сезонава, само еден помалку од рекордните 40 на Герд Милер во сезоната 1971/1972

ФУДБАЛ, БУНДЕС-ЛИГА

Баерн деветта сезона во низа e шампион на Германија или вкупно по 30-ти пат во Бундес-лигата (формирана е во 1963 година) во клупската историја, по убедливата победа над Борусија Менхенгладбах (6-0), на две кола до крајот на првенството.
– Еден час пред натпреварот знаевме дека сме шампиони. Но за нас беше важно на теренот да покажеме зошто сме шампиони и да покажеме најдобар фудбал. Она што го направивме беше спектакуларно, беше неверојатно, затоа што постигнавме толку многу голови. Покажавме дека сме најдобри сезонава – изјави Роберт Левандовски, кој постигна хет-трик, за него петти сезонава.
Левандовски стигна до бројката од 39 гола, само еден помалку од рекордните 40 на Герд Милер во сезоната 1971/1972. Нему му се потребни уште два гола за нов рекорд, на преостанатите два меча против Фрајбург и Аугсбург. Левандовски има дадено вкупно 275 гола во Бундес-лигата, за Борусија Дортмунд и за Баерн, и е на втората позиција, зад неприкосновениот Герд Милер со 365 гола.

Клупските колеги на Левандовски, Томас Милер и Давид Алаба се запишаа во историските книги како први играчи што освоиле по 10 шампионски титули во Бундес-лигата, една повеќе од Франк Рибери и Хави Мартинез. За тренерот Ханс-Дитер Флик, кој си заминува по завршувањето на првенството, а на негово место ќе дојде Јулијан Нагелмсан, ова беше втора титула во низа.
Голманот на Баерн, Мануел Ноер, го израмни рекордот на својот претходник, Оливер Кан, кои не примиле гол на 204-от од 437-те меча во Бундес-лигата. Но на Кан за такво нешто му беа потребни дури 557 натпревари. Ноер е единствениот голман со 100 и повеќе настапи во Бундес-лигата што примил помалку голови (355) отколку одиграни натпревари (436).