В година ќе се игра 47-то издание на Копа Америка, на кое 12-ти пат ќе има гостински селекции од други континенти

Фудбалската репрезентација на Австралија ќе дебитира на првенството на Јужна Америка в година, и тоа во група со едниот домаќин на првенството Аргентина, потоа со Боливија, Уругвај, Чиле и со Парагвај, реши ждрепката влечена во вторникот во Колумбија, втората земја-домаќин на 47-то издание на Копа Америка.

Австралија е десетта репрезентација што како гостин од друг континент ќе настапи на Копа Америка, а на шампионатот в година втор настап ќе има актуелниот првак на Азија, селекцијата на Катар, која играше и на првенството годинава во Бразил.
Гостински селекции на Копа Америка играат од првенството во 1993 година, тоа в година ќе биде 12-то со селекции од други континенти. Претходно како гости настапиле и Костарика, Хаити, Хондурас, Јамајка, Јапонија, Мексико, Панама и САД.

Најголем успех забележа Мексико, кој беше вицешампион во 1993 и во 2001 година, а таа репрезентација има и најмногу настапи на Копа Америка, 10.
Титулата од првенството годинава ја брани Бразил, кој ќе биде во група со Колумбија, Катар, Венецуела, Еквадор и со Перу. Копа Америка од шампионатот в година почнува да се игра секои четири години, во истата година кога и европските првенства. Во претходниот период се играше во непарни години (2007, 2011, 2015), но имаше и едно вонредно издание, во 2016 година, на стогодишнината од првото, и тоа се играше во САД, а настапија 10 селекции од Јужна Америка и шест од Северна Америка.

Најтрофејна е репрезентацијата на Уругвај со 15 титули, а потоа следуваат Аргентина со 14, Бразил со девет, Парагвај, Чиле и Перу со по две, како и Колумбија и Боливија со по еден трофеј. Првенството в година ќе биде отворено со дуелот на Аргентина и Чиле, репрезентации што меѓу себе играа во финалињата во 2015 и во 2016 година (двапати победи Чиле на пенали) и во мечот за третото место годинава (победи Аргентина).