Тие се повисоко квалитетно ниво од нас, рече Мурињо, менаџерот на „бебињата“,
а поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Сколс, вели: Тие се класа над нас, во сѐ, по победата на Јувентус со 1-0 во 3-то коло на ЛШ

Јувентус беше многу подобар во сите елементи од фудбалската игра (особено во првото полувреме кога имаше посед на топката од 71 отсто, на крајот 60) и наполно заслужено триумфира над Манчестер јунајтед на стадионот „Олд трафорд“, во третиот меч од групата Х во Лигата на шампионите (ЛШ).
Победничкиот гол беше дело на Аргентинецот Паоло Дибала, по центаршутот на Кристијано Роналдо, четврти за него сезонава во ЛШ (повеќе имаат само Лионел Меси и Един Џеко, по пет). Педантните статистичари потсетуваат дека претходно на „Олд трафорд“ гол не постигнале ниту неговите славни левоноги сонародници Диего Марадона (21 март 1984) и Лионел Меси (29 април 2008).

Јуве, кој сезонава е засилен со Роналдо, кој, пак, шест години настапуваше и за Манчестер јунајтед, од 2003 година, период во кој освои три премиерлигашки титули и една во ЛШ, покажа дека има квалитетен состав, игра и тактичка зрелост за повторно да се најде во завршницата, па и да победи во ЛШ.

– Значајна победа за нас во еден за мене многу емоционален меч. Прекрасно беше чувството повторно да се игра на „Олд трафорд“. Им благодарам на навивачите за убавиот прием и за поддршката – напиша Роналдо на Инстаграм.

„Старата дама“ е единствениот тим (без синоќешните дуели) со максимални три победи, згора и без примен гол, и е на чекор до пласман во нокаут-фазата. За Јувентус ова беше 15-та победа (плус седум ремија и само два пораза) на последните 24 меча во групната фаза во ЛШ. На „Олд трафорд“ последната победа, исто така, со 1-0, Јуве ја забележа во ноември 1996 година, со голот на Алесандро Дел Пјеро и со Марчело Липи на тренерската клупа. Јунајтед, пак, го претрпе четвртиот пораз на последните 13 натпревари на домашен терен во сите конкуренции, исто колку и на претходниот 81 дуел.

Во таборот на Јунајтед беше Пол Погба, поранешниот играч на Јувентус, но не се наигра многу на овој меч и не беше ниту сенка на фудбалерот од времето поминато во тимот од Торино и во дресот на „триколорите“ летово во Русија, кога стана светски првак.

– Ова беше навистина тежок натпревар за нас. Мислев дека можеме да извлечеме нешто, но тоа не беше можно. На спротивната страна имаше огромен квалитет. Понекогаш луѓето ги гледаат Роналдо или Дибала, но во врвната екипа треба да ги гледате Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи, тие се основата на тимот, тие му ја даваат стабилноста. Мислам дека е многу тешко да се игра против тим каков што е Јувентус, тие се повисоко квалитетно ниво од нас, морам да признаам – изјави Жозе Мурињо, менаџерот на Манчестер јунајтед.

На сите им е јасно дека Јувентус е многу подобар тим од Манчестер јунајтед во моментов, што особено тешко им паѓа на поранешните клупски легенди што имаат освоено многу трофеи, како Пол Сколс и Рио Фердинанд.

– Тие се класа над нас, во сѐ. Но најтажното е во тоа што сите го прифаќаме тој факт, клубот, играчите, еве и публиката како да се помирува со тоа – коментираше Сколс.
Фердинанд беше уште поразочаран од играта на избраниците на Мурињо, а тоа го сведе во една кратка реченица: „Ми изгледаше како да гледам натпревар помеѓу мажи и момчиња“.