Борусија Дортмунд и Манчестер јунајтед ги очекува тешка задача во реваншите од осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) против Тотенхем (пораз со 0-3), односно против ПСЖ (0-2), но искуствата од некои поранешни дуели покажуваат дека, сепак, не се без шанси. Неколку тима успеаја високите порази во првите мечеви да ги анулираат и да ги претворат во величествени триумфи.

Последни и најилустративни примери се два дуела на Барселона. Во првиот случај, од пред две години, Барса високиот, на изглед недостижен пораз во првиот меч во осминафиналето на гости од ПСЖ, со 0-4, го претвори во фантастична победа со 6-1 и пласман понатаму. Но лани среќата им го сврте грбот на Каталонците, кои ја совладаа Рома со 4-1 во првиот четвртфинален меч, но во реваншот во Рим доживеаја пораз со 0-3. Негатива од три гола надомести и Ла Коруња, во четврт-финалето во сезоната 2003/2004. Во првиот меч дома Милан славеше со 4-1, но во реваншот шпанскиот тим направи вистинско чудо и победи со 4-0.

За тоа дека негативата од два гола не е ненадоместлива сведочат повеќе примери.
Во историјата на ЛШ, забележани се осум дуели во кои предноста од два гола не била доволна за пласман понатаму. Во сезоната 1999/2000, во четврт-финалето, Челси ја совлада Барселона со 3-1, но во реваншот Барселона победи со 5-1, по продолжението. Четири години подоцна во истата рунда, Реал го совлада Монако со 4-2, но во реваншот „кнезовите“ возвратија со 3-1. Во 2011/2012, во осминафиналето Наполи го совлада Челси дома со 3-1, но во Лондон загуби со 1-4. Следната сезона во осминафиналето Барса загуби од Милан на гости со 0-2, но во реваншот дома возврати со 4-0. Истата негатива од 0-2, од првиот осминафинален меч против Олимпијакос во сезоната 2013/2014, ја надомести Манчестер јунајтед, кој во реваншот славеше со 3-0.

Во следната рунда ПСЖ во првиот меч го совлада Челси со 3-1, а во реваншот загуби со 0-2. Порто во првиот четвртфинален дуел против Баерн во 2014/2015 оствари победа со 3-1, а во реваншот во Минхен загуби со 1-6. Пред три години, во сезоната 2015/2016, Волфсбург беше на прагот да го елиминира Реал победувајќи го во првиот четвртфинален меч со 2-0, но во реваншот „кралевите“ се покажаа во вистинско издание и триумфираа со 3-0.