Мислам дека правилото за играње со рака е бесмислено и сметам дека служи само за полемики, дискусии и за драматични моменти, изјави менаџерот на Кристал Палас, Рој Хоџсон, по мечот против Евертон (1-2)

ФУДБАЛ

Пенали по играње со рака и по интервенција на системот видеопомошник-судија (ВАР), пресврти и голови во судиското продолжение беа обележјето на четирите саботни натпревари од третата рунда во англиската фудбалска Премиер-лига.
Во Лондон, Евертон го совлада Кристал Палас со 2-1, постигнувајќи го вториот гол од пенал по ненамерното играње со рака на Џоел Вард во 16-те метри. Судијата Кевин Френд прво не ја прекина играта, но по интервенцијата на гостинските играчи и на ВАР реши да ја види повторената снимка на ТВ-мониторот по што досуди пенал. Менаџерот на Палас, Рој Хоџсон, беше многу разочаран и лут по мечот, пишува „Бо-би-си“.
– Мислам дека правилото за играње со рака е бесмислено, и тоа кога ќе биде досуден таков пенал во наша корист, а и кога ќе биде досуден и против. Сметам дека служи само за полемики, дискусии и за драматични моменти. Ја критикував таквата одлука и минатата недела, кога Кристал Палас доби сличен пенал против Манчестер јунајтед. Не ми е јасно како сите ние, Премиер-лигата, судиите, менаџерите, играчите, дозволивме да се случуваат вакви работи – изјави Хоџсон.

Дека и на фудбалерите, особено на одбранбените, не им е лесно покажува и изјавата на капитенот на Евертон, Шимус Колман.
– Да се биде дефанзивец во денешно време е многу тешко. Треба да се справувате со крилните играчи, а притоа и да размислувате за својата рака во шеснаесетникот – вели Колман.
По мечот имаше слични реакции на социјалните мрежи и од поранешни фудбалери, сега стручни коментатори во медиумите, како Гари Линекер, Мартин Кион, Метју Апсон, Алан Ширер, и други, пренесува „Би-би-си“.
– Ова е погрешно и мора да се смени. Не смеат да се судат пенали за вакви работи. Видете како беше до пред неколку години и сѐ ќе ви биде јасно – изјави Ширер.
По слична судиска одлука и со гол од пенал, во 100-та минута, Манчестер јунајтед забележа победа на гости над Брајтон со 3-2. Тој пенал не предизвика толку реакции како досудениот во Лондон.

Лани критики имаше за ВАР поради доцните и конфузни одлуки, особено при офсајд-ситуациите. Сега на ред се пеналите по играњето со рака, со модифицирано правило, кое е воведено на почетокот од сезонава и кое не е баш јасно. Во него, меѓу другото, се вели дека ќе биде досуден пенал доколку играчот игра со рака, која јасно е оддалечена од телото и доколку ја спречува топката на патот кон голот или кон друг играч. Таков беше случајот на мечот во Лондон, но Хоџсон и неговите играчи се уверени дека тоа не било доволно за пенал. Како и да е, очигледно е дека станува збор за т.н. „сива зона“ во врска со ова правило и оти ќе има многу расправии и полемики сезонава.