Фото: Игор Бансколиев

Македонските љубители на фудбалот немаат страв од најсилните европски репрезентации со кои Македонија би можела да се соочи во баражот за пласман на Светското првенство (СП) во Катар в година, судејќи според нивните коментари на социјалните мрежи. Напротив, многумина посакуваат дуел со Португалија предводена од Кристијано Роналдо или Италија, селекциите кои ги освоија последните две Европски првенства, а не успеаја да изборат директен пласман на претстојниот Мундијал.

„Јас ја сакам Португалија за у бараж! Да си оди Роналдо дома плачејќи!“, „Европските шампиони од 2016 и 2020 во бараж со Македонија. Интересно ќе биде“, „Дајте ги Италија, Португалија и Русија да се играме“, „Само елитата е во бараж баце. Затоа сме таму. Ја би Португалија и Италија да ги пегламе“, „Значи немаат среќа Португалија и Италија кога мораат да играат со Македонија“, гласат дел од коментарите на Твитер.

Оптимизмот на македонските навивачи не е без основа, особено по добрите партии и резултати на националната селекција во пресрет на Европското првенство, како и во изминатите мундијалски квалификации, во кои Македонија го совлада четирикратниот светски првак Германија со 2-1 на гости, во март.

Засега е познато дека можни ривали на Македонија во баражот се, Италија, Португалија, Шкотска, Русија, Шведска, Полска и Велс, како и Чешка и Австрија кои влегуваат преку Лигата на нации. Последните два учесника во доигрувањето ќе бидат познати вечерва, со што ќе се одлучува помеѓу Финска и Украина, односно Холандија, Норвешка и Турција.

На Мундијалот во Катар од Европа ќе играат 13 репрезентации. Последните три европски места ќе бидат пополнети во кој ќе разигруваат 10-те второпласирани во квалификациските групи и две селекции победници на групите во Лигата на нациите од сезоната 2020/2021, кои нема да се квалификуваат директно, ниту пак се втори во групите од квалификациите.

Ждрепката за баражот ќе биде влечена на 26 ноември, по што 12 репрезентации ќе бидат поделени во три групи, а потоа ќе се игра полуфинале и финале. Полуфиналето, во кое Македонија би гостувала, е на 24 или на 25 март в година, а финалето, чиј домаќин ќе биде одреден со ждрепка, е на 28 или на 29 март.