Англиските фудбалери по пообедата над Колумбија

Победниците на денешните четвртфинални двојки на СП 2018 (Шведска – Англија од 16 ч. и Русија – Хрватска од 20 ч.) ќе играат во полуфиналето в среда во Москва

На Светското првенство (СП) во фудбал во Русија денеска се играат уште два четвртфинални натпревари по што ќе бидат комплетирани полуфиналните двојки. Прв на програмата е дуелот Шведска – Англија (16 часот). Англија пристигна на ова СП со нов, подмладен состав, кој во голема мера не се оптоваруваше со разочарувањата од мундијалите во минатото. Тоа веќе се покажа со триумфот над Колумбија во осминафиналето, на пенали, првпат на едно СП.
Нивото на возбуда го достигна врвот во Англија, а оптимистите сметаат дека сега е отворен патот кон финалето поради поволната ждрепка. Англичаните добро знаат дека ова е ретка шанса да играат во финалето, првпат по СП 1966 и нивниот триумф. Тие беа на чекор до финале и во 1990-та, но во полуфиналето беа елиминирани, на пенали, од Германија. Но селекторот на Англија, Герет Саутгејт не сака да размислува на тој начин. Тој е свесен дека неговите избраници мора прво да ја поминат силната Шведска.

– Немаме добра статистика од дуелите против нив, ми се чини дека честопати сме ги потценувале. Но тие имаат добар план на игра, јасно им е што и како треба да играат и ќе ни биде навистина тешко. Шведска не е само собир на индивидуалци, силни се како целина, како тим – вели Саутгејт.
Скандинавците имаат силна тимска хомогеност и се без звучни имиња. Во квалификациите за СП беа подобри од Холандија, а во плејофот ја елиминираа Италија. Во Русија беа во групата Ф со Германија. Потоа во осминафиналето Шведска ја елиминира Швајцарија (1-0) без многу тешкотии.
Русија и Хрватска играат од 20 часот, во Сочи. На Русија, најслабо рангираната репрезентација (70-та) на листата на ФИФА од селекциите на ова СП, не ѝ се даваа големи шанси за позабележителен успех. Но, тие без проблеми ја поминаа групата, а потоа во осминафиналето го шокираа светскиот шампион од 2010-та, Шпанија, на пенали. Русите сега се на две победи, над Хрватска и над Шведска или Англија, до финалето.

Ова ќе биде дуел меѓу Русија, најголемата земја во светот со население од околу 150 милиони и Хрватска со околу 4,5 милиони, но и земја што продуцира многу надарени фудбалери. Со Лука Модриќ и Со Иван Ракитиќ, Хрватите имаат фудбалери од средниот ред, кои се важна алка и во своите тимови, Реал Мадрид и Барселона. Хрватите вторпат се во четврт-финале на СП првпат по 1998 година, кога стигнаа и до полуфиналето и го освоија третото место.
Хрватската легенда Давор Шукер, најдобриот стрелец на СП 1998 со шест гола, сега е претседател на Фудбалската федерација на Хрватска (ХНС).
– Нѐ очекува тежок натпревар со Русија, која на неверојатен начин ја победи Шпанија. Тие се физички силни, имаат голема енергија, а ќе имаат и огромна поддршка од навивачите на стадионот што ги прави моќен тим. За Хрватска е импресивно што се квалификувавме на 10 од последните 12 големи натпреварувања и јас многу сум многу горд на сето тоа – вели Шукер.
Ова е најдоброто СП за Русите, по распадот на СССР. Тие никогаш досега не ја поминале групната фаза под името Русија, а како СССР стигнаа до полуфиналето во 1966 година.