Оле Гунар Солскјер

Солскјер го промени начинот на игра, ги направи фудбалерите, но и Манчестер јунајтед како клуб, повторно среќни. Се вратија позитивното расположение и насмевките на лицата кај многумина, по што сѐ погласни се заговорниците уште сега на Солскјер да му се промени статусот во постојан менаџер

Осум победи на осум натпревари за Манчестер јунајтед под водство на привремениот менаџер Оле Гунар Солскјер не очекуваа ниту најголемите оптимисти и навивачи на фудбалскиот тим од стадионот „Олд Трафорд“. Ако некому му се чинеше дека сето тоа е почетничка среќа, последниот триумф над Арсенал (3-1), на гости во Лондон во четвртата рунда од ФА-купот, потврди дека Солскјер си ја знае работата и оти фудбалерите во кои неговиот претходник, Жозе Мурињо, немаше голема доверба и постојано ги критикуваше, исто така, заслужуваат голем респект.

Оттаму сѐ погласни се заговорниците на идејата на Солскјер (45) уште сега да му се промени статусот од привремен во постојан менаџер. Кризата од која се чинеше дека нема брз и лесен излез е надмината, Манчестер јунајтед оди понатаму во ФА-купот, во Премиер-лигата не заостанува многу зад конкурентите што се тркаат за место во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона, што е многу битно за клубот. Извршниот потпретседател Ед Вудворд, кој беше во постојани недоразбирања со Мурињо, изгледа задоволно и, според некои медиуми блиски до клубот, размислувањата околу идниот менаџер се движат во насока од „дали треба да се има целосна доверба во Солскјер“ до „треба ли да се бара друг менаџер освен Солскјер“?

Ризикот од неговото именување се гледа во неговиот претходен неуспех како менаџер на Кардиф во 2014 година, кога доби отказ по девет месеци на функцијата откако клубот падна на 17-то место на табелата во Чемпионшип. Другата опција за газдите е попримамлива, а тоа е Маурисио Почетино од Тотенхем, но тоа во моментов е тешко остварливо.

Како и да е, на „Емирати“, на мечот против Арсенал, Солскјер го положи испитот пред оние што велеа дека серијата победи на неговиот тим се должи на лесниот распоред и слично. Тој ги направи фудбалерите, но и Манчестер јунајтед како клуб, повторно среќни. Се вратија позитивното расположение и насмевките на лицата кај многумина, што беше ретка слика во времето на Мурињо. И можеби најбитното, Солскјер го промени начинот на игра, од претпазлива, неамбициозна, стерилна, дефанзивна, „да не се загуби“, до напаѓачка игра „на победа“.

Тактички тој, исто така, се покажа како многу пофлексибилен од Мурињо, користејќи ја брзината на Антони Марсијал и на Маркус Рашфорд на сметка на силата на Ромелу Лукаку на мечот со Тотенхем (1-0), иако треба да се признае дека на тој меч Јунајтед го спаси голманот Давид де Хеа. Против Арсенал, Лукаку играше по десната страна, Алексис Санчез по левата, а во средината Џеси Лингард, што се покажа како добро решение. Солскјер ги врати во живот Пол Погба и Марсијал, кои беа во немилост кај Мурињо, ја има нивната доверба, и кај другите, но повторно се поставува дилемата дали ќе биде истиот ефект кога, и ако, би станал постојан менаџер, и што би било по неколку лоши игри и лоши резултати? Дали е претешко бремето да му се биде менаџер на Манчестер јунајтед, имајќи ги предвид искуствата со Дејвид Мојес, Луј ван Гал, па и со Мурињо.

Но ако ништо друго, Солскјер во моментов изгледа многу порелаксирано на клупата на Јунајтед од претходниците. Тој добро знае како функционира клубот, ги знае луѓето наоколу, знае кои се очекувањата. Првиот голем тест за него е осминафиналниот дуел против ПСЖ во Лигата на шампионите на 12 февруари на „Олд Трафорд“, потоа и дербито против Ливерпул. Од тие исходи веројатно ќе зависи и понатамошната менаџерска иднина на Солскјер во клубот.