Фото: Игор Бансколиев

Фудбалската репрезентација на Македонија оствари историски пласман на Европското првенство в година, совладувајќи ја Грузија со 1-0 по голема борба во вечерашниот меч одигран во Тбилиси.

Капитенот Горан Пандев го постигна решавачкиот погодок во 55-та минута по акција на Елиф Елмас и на Илија Несторовски. Токму Пандев беше најопасен по голот на Грузија. Тој ја имаше и најдобрата шанса во првото полувреме, но неговиот удар со глава во 35-та минута го одбрани грузискиот голман.

Елиф Елмас можеше да го зголеми водството во 66-та минута, кога неговиот шут од далечина за малку беше непрецизен и по соло акција во 75-та минута, кога исто така биеше покрај голот. Избраниците на Игор Ангеловски потоа умешно ја сочуваа предноста за да слават.

Црвено-жолтите на тој начин првпат изборија учество на едно големо натпреварување во 27-годишната историја, која почна со првиот меч во 1993 година против Словенија во Крањ, а потоа и со квалификациите за ЕП 1996.

Македонија ќе игра во групата Ц на претстојниот континентален шампионат, каде што за ривали ќе ги има Холандија, Украина и Австрија, во јуни в година. Мечевите ќе се играат во Букурешт и во Амстердам.