Ниту еден друг фудбалер на Европското првество нема да инспирира толку длабока почит во неговата татковина како што е случајот со Горан Пандев, пишува „Гардијан“ во текстот посветен на капитенот на македонската фудбалска репрезентација.

– Горан има посебна енергија која ги привлекува луѓето кон него. Тој е лидер на националниот тим, но и лидер на нацијата – вели спортскиот директор на Академија Пандев, Југослав Тренчовски, во изјава за британскиот весник.

Пандев ќе биде капитен на Македонија во дебито на Европското првенство против Австрија во Букурешт, две децении и една недела откако го забележа првиот настап во националниот дрес, што претставува своевидна бајка – победа на оптимизмот кој го водеше Пандев, кој имаше намера да ја заврши кариерата минатата година, да продолжи да настапува во Џенова и по одложувањето на ЕП 2020.

Тој знаеше дека неговата држава има вистинска шанса за она што некогаш делуваше невозможно. Македонија го победи Косово во полуфиналето од плејофот во Лигата на нациите,  а потоа Пандев ја избегна одбраната на Грузија за во Тбилиси да го постигне историскиот победнички гол што го доведе до солзи.

Делио Роси, кој го тренираше Пандев во италијански Лацио, беше меѓу соговорниците на „Гардијан“ кои зборуваа за капитенот на македонската репрезентација.

– Дури и како дете, тој во неговата ДНК ја имаше способноста да го прочита тајмингот на неговите соиграчи, да се адаптира кон кој било друг играч. Тоа е карактеристиката што го прави уникатен, причината поради која тој стана незаменлив во сите клубови за кои играше. Горан ја гледа шансата неколку секунди пред другите. Тоа е магично. Горан е тивок лидер, кој се разликува од другите. Неговите соиграчи секогаш го сакаа, тоа не е случајност – објаснува Дели Роси.

Италијанскиот истакна уште една пофална карактеристика на Пандев, кога станува збор за големите мечеви.

– Има два вида на играчи. Деведесет и осумте отсто на кои секогаш им е потребна мотивација, кои ги обвинуваат другите кога работите не одат како што треба. И тука се преостанатите два отсто, во кои спаѓа и Горан. Тие не се грижат за притисокот на тешките мечеви. Кога има големи, мечеви тие не се плашат од ништо – порачува Роси.

Пандев ќе ја предводи Македонија во попладневниот меч против Австрија (од 18 часот) во кој националната селекција ќе дебитира на големите фудбалски натпреварувања. Преостанати противници на „црвено-жолтите“ во групата Ц ќе бидат Украина и Холандија.