ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Реал Мадрид, најтрофејниот со 13 европски титули, може да биде елиминиран уште во групната фаза во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), што ниту еднаш не му се случило во минатите 23 години. За актуелниот првак Баерн заврши серијата од 15 победи во низа во ЛШ, а Ливерпул и Порто обезбедија пласман во осминафиналето по 5-то коло во групите А, Б, Ц и Д, од кои претходно, по 4-то коло, пласман понатаму обезбедија Баерн и Манчестер сити.
Во групата Б, сите четири тима, Борусија (М), Шахтар, Реал Мадрид и Интер, имаат шанси во шестото коло да обезбедат пласман во осминафиналето. Во петтото коло Шахтар вторпат го совлада Реал Мадрид, овој пат дома со 2-0, а Интер ја победи Борусија во Менхенгладбах со 3-2. Ако по шестото коло два тима имаат ист број бодови, за подобар пласман решава меѓусебниот скор.
– Јас сум оптимист. Ова се тешки моменти, но треба да го покажеме нашиот карактер и да останеме исправени. Веруваме во себе и ќе се бориме до крај, бидете сигурни во тоа – изјави по мечот Зинедин Зидан, тренерот на Реал, додавајќи оти не размислува за оставка.

По пет кола од првите групи А, Б, Ц и Д шанси за пласман понатаму имаат и Атлетико и Салцбург од групата А, како и Аталанта и Ајакс од групата Д. Атлетико со ремито дома, 1-1, ѝ стави крај на победоносната серија на Баерн во ЛШ од 15 меча едноподруго. Пласманот во следната рунда го завери и Ливерпул со минималната победа над Ајакс со 1-0. Победничкиот гол го постигна 19-годишниот Кртис Џонс, трет најмлад играч на Ливерпул што е стрелец во ЛШ, по центаршутот на уште еден 19-годишник, бекот Нико Вилијамс. 


РЕЗУЛТАТИ, 5. КОЛО

Група А: Атлетико – Баерн 1-1, Локомотив М. – Салцбург 1-3. Табела: Баерн 13, Атлетико 6, Салцбург 4, Локомотив 3. Идно коло (9.12): Салцбург – Атлетико, Баерн – Локомотив.
Група Б: Шахтар – Реал Мадрид 2-0, Борусија М. – Интер 2-3. Табела: Борусија 8, Шахтар и Реал Мадрид по 7, Интер 5. Идно коло: Интер – Шахтар, Реал М. – Борусија М.
Група Ц: Порто – Манчестер сити 0-0, Марсеј – Олимпијакос 2-1. Табела: Манчестер С. 13, Порто 10, Олимпијакос и Марсеј по 3. Идно коло: Олимпијакос – Порто, Манчестер С. – Марсеј.
Група Д: Ливерпул – Ајакс 1-0, Аталанта – Митјиланд 1-1. Табела: Ливерпул 12, Аталанта 8, Ајакс 7, Митјиланд 1. Идно коло: Ајакс – Аталанта, Митјиланд – Ливерпул.