За нова сензација во четвртата рунда натпревари во фудбалската Лига на нациите (ЛН) повторно се погрижи Гибралтар, со втората победа по ред, дома, над Лихтенштајн (со пресврт), со 2-1, и првпат постигна два гола на еден натпревар. Гибралтар во саботата триумфира и на гости над Ерменија (1-0) и сега има шест бода и теоретски шанси за освојување на првото место во групата 4, лига Д, во која е и Македонија. До сензационалниот триумф над Ерменија, во периодот од септември 2014 до септември 2018 година, Гибралтар претрпе 22 пораза со вкупна гол-разлика 5-107. Во двата меча во октомври ги забележа двете победи, постигна три и прими само еден гол.

Од другите дуели во ЛН, за издвојување е четвртиот триумф на Грузија, над Летонија (3-0), во групата 1, лига Д. На две кола до крајот тие обезбедија пласман во лига Ц, како и бараж-дуел за настап на финалниот турнир за Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Пласман во повисок ранг, во лигата А, обезбеди Украина со триумфот над Чешка (1-0), трет на трите натпревари. Чешка и Словачка во меѓусебната пресметка идниот месец ќе решаваат која од двете селекции ќе испадне во третата по квалитет лига Ц.