Фото: Игор Бансколиев

Фудбалската репрезентација на Македонија не ги издржа налетите на фаворизираната Германија која славеше со 4-0, постигнувајќи ги сите погодоци во второто полувреме од квалификацискиот меч за Светското првенство во Катар в година, одигран вечерва на националниот празник 11 Октомври, пред околу 17 илјади гледачи на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Фудбалерите на актуелниот европски клупски првак Челси, Каи Хаверц и Тимо Вернер, беа најзаслужни за победата на гостите. Хаверц погоди во 50-та, а Вернер во 70-та и во 73-та минута, додека конечниот резултат го постави резервистот Џамал Мусијала во 83-та минута. Германија на тој начин се реваншираше за поразот од „црвено-жолтите“ од 1-2, во квалификацискиот дуел одигран во Дуисбург на 31 март.

Германија од почетокот на дуелот тргна офанзивно, создавајќи повеќе шанси за гол во кои се најдоа Каи Хаверц, Тимо Вернер и Серж Гнабри, но македонскиот голман Столе Димитриевски се истакна со неколку одлични интервенции. Избраниците на Благоја Милевски главно се обидуваа преку контранапади со што ударите на Бобан Николов и на Дарко Велковски завршија покрај голот, додека Мануел Ноер сопре шут на Елиф Елмас од изгледна позиција. Германците ги искористија своите прилики во второто полувреме, по слаби интервенции на македонската одбрана.

Аријан Адеми го напушти теренот во 29-та минута поради повреда по дуел со Каи Хаверц. На местото на Адеми во игра влезе Стефан Спировски.

Во останатите вечерашни мечеви од групата Ј, Романија ја совлада Ерменија со 1-0, додека Исланд беше подобар од Лихтенштајн со 4-0. Германија е прва на табелата со 21 бод, пред Романија која има 13, додека Македонија е на третата позиција со 12 поени, колку што има и четвртопласираната Ерменија. Четирикратниот светски првак Германија обезбеди учество на Мундијалот в година, додека Романија, Македонија и Ерменија во преостанатите две кола од квалификациите ќе се борат за втората позиција на табелата која води во доигрувањето.

Националната селекција во следниот квалификациски натпревар гостува кај Ерменија на 11 ноември, додека три дена подоцна го пречекува Исланд.