Менаџерот на Манчестер Сити Пеп Гвардиола верува дека тимот е посилен од минатата година и го сподели моментот кога знаел дека тимот ќе ја освои титулата во Премиер Лигата.

„Граѓаните“ триумфираа во Премиер лигата со рекордна предност од 100 поени. Во оваа „небесносините“ не се на врвот на табелата, откако заостануваат на четири поени од лидерот Ливерпул, но Пеп верува дека Сити се подобрил.

– Во некои мали детали ние се подобривме, но тоа е нормално со оглед на фактот дека поминуваме повеќе време заедно. Подготовките за натпреварите, високиот пресинг, кој ни овозможува да користиме различни позиции на теренот, имаме повеќе алтернативи да ја претворивме одбраната во напад и сме цврсти, кога се браниме длабоко – сето тоа се промени во позитивна насока, изјави тој за „Скај Спортс“.

Сити станаа официјално шампиони на 15 април, откако нивниот конкурент Манчестер Јунајтед загуби изненадувачки дома со 0:1 од Вест Бромвич Албион. Тие пропуштија шанса да триумфираат со титулата недела порано, откако дозволија пресврт од 2:0 до 2:3 токму од ,,црвените ѓаволи“ во средба на „Етихад“.

Гвардиола изјави дека поразот од Јунајтед бил разочарувачки, но успехот против Тотенхем со 3:1 на „Вембли“ бил моментот кога тој знаел дека тимот ќе ја освои титулата во Премиер лигата.

– Дури и во натпревари каде што водиме 2:0 или 3:0 на 20 минути до крајот на натпреварот, не сум сигурен дека ќе победиме. Но конкретно во овој натпревар против Тотенхем, начинот на кој реагиравме по поразот од Јунајтед и средбите со Ливерпул во Лигата на Шампионите – првите 10-15 минути од дуелот со Тотенхем ми покажаа дека ние ќе станеме шампиони на крајот, откри шпанскиот стратег.

Тој, исто така, објасни што најмногу го импресионирало во сезоната на „граѓаните“.

– Нашата упорност. Се разбира дека изгубивме поени, се случува, но секогаш реагиравме многу позитивно и успешно, што за мене беше најзабежителното нешто и она на кое оддавам најголема важност. Да освоиш Куп или ЛШ – тоа е прашање на шест или седум добри натпревари, додека за да станеш шампион на Англија треба да си 100% подготвен да играш на секои три дена против исклучително опасни противници – поради ова и титулата во Премиер лигата е најспецијална за мене, заклучи Шпанецот.

Сити гостува на Лестер утре во дуел од 19-ти круг, откако ќе се обиде да надомести за изненадувачкиот пораз на домашен терен со 2:3 од Кристал Палас во последното коло на првенството.