Гвардиола ја прокнижи 221-та победа на клупата на „граѓаните“, на 303-от натпревар, со што го надмина легендарниот менаџер Мекдовал (од 1950 до 1963 година, 220 победи на 592 меча)

Во дербито на колото во англиската фудбалска Премиер-лига, англискиот и европски вицепрвак Манчестер сити го совлада европскиот шампион Челси, на гости, со 1-0. Тоа беше првиот гол што го прими Челси од игра во лигата сезонава, вкупно втор (првиот беше од пенал, на мечот со Ливерпул, 1-1). Манчестер сити прими само еден гол на шесте првенствени натпревари сезонава, најмалку во оваа фаза во клупската историја.
Откако претрпе три порази во низа од Томас Тухел, Пеп Гвардиола конечно славеше победа над Германецот, по што двата тима имаат по 13 бода. Сити го победи Челси двапати по ред на гости, првпат од јануари 1955 година. Челси, пак, загуби четири од претходните седум натпревари на домашен терен против Сити, колку што загуби во претходните 38 меча (21 победа, 13 ремија и четири пораза).
Габриел Жесус го постигна 52-от гол во Премиер-лигата, а Сити никогаш не загубил натпревар во ова натпреварување кога тој постигна гол (42 победи и две ремија). Жезус е петтиот фудбалер што постигна 20 и повеќе победнички голови за победа во Премиер-лигата за Манчестер сити, по Серхио Агуеро (48), Рахим Стерлинг (23), Јаја Туре (22) и Давид Силва (20).

За Гвардиола ова беше 221-та победа на клупата на „граѓаните“ на 303-от натпревар, со што го надмина легендарниот менаџер Лес Мекдовал (од 1950 до 1963 година), кој забележа 220 победи на 592 натпревари.
– Не можам да одречам дека сум почестен. Тоа е убава бројка, и тоа ја направивме за многу кратко време. Тоа е голем комплимент за сите во клубот, особено за играчите, како и за целиот персонал. Рекордите се убави и убаво е што сме дел од тоа – изјави Гвардиола (50), кој веќе освои повеќе трофеи од кој било друг менаџер во историјата на клубот, осум, двојно повеќе од Џое Мерсер, а Мекдовал освои само еден трофеј, ФА-купот во 1956 година.