Вторпат во клупската историја сме во оваа фаза, речиси 80 отсто од овие играчи никогаш не играле во полуфинале на ЛШ. Не е како со другите тимови. Тоа е процес. Бев среќен во соблекувалната по мечот затоа што играчите беа смирени. Не се радуваа премногу, беа доста мирни, нѐ очекува тежок втор натпревар, рече Гвардиола по победата на Манчестер сити во првиот полуфинален меч со Пари сен Жермен, на гости, со 2-1

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Манчестер сити одигра одлично второ полувреме и со головите на Кевин Де Брујне и на Ријад Марез направи пресврт победувајќи го на гости Пари сен Жермен со 2-1, во првиот полуфинален натпревар во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Сити претходно само еднаш бил полуфиналист, во 2016 година. Реванш-мечот е во вторник во Манчестер.
За играч на мечот беше прогласен Де Брујне, кој е директно вклучен во девет гола на претходните осум меча во нокаут-фазата во ЛШ (пет гола и четири асистенции). Тој стана четвртиот играч на Сити кој постигнал двоцифрен број погодоци (10) во ЛШ, по Серхио Агуеро (36), Рахим Стерлинг (21) и Габриел Жесус (16).
Сити заврши голема работа на првиот меч во Париз, но менаџерот Пеп Гвардиола, на кого со „граѓаните“ му недостига само триумф во ЛШ, смета дека ништо не е готово.
– Ако играме претпазливо, а не како што знаеме и умееме, тогаш сѐ може да се случи во реваншот. Но, ако играме квалитетно како во второто полувреме, ќе имаме шанса да се пласираме во финалето. Вторпат во клупската историја сме во оваа фаза, речиси 80 отсто од овие играчи никогаш не играле во полуфинале на ЛШ. Не е како со другите тимови. Тоа е процес. Бев среќен во соблекувалната по мечот затоа што играчите беа смирени. Не се радуваа премногу, беа доста мирни, нѐ очекува тежок втор натпревар – рече Гвардиола.

Голот за ПСЖ го постигна капитенот Маркињос во првиот дел, но во продолжението доминираа гостите од Манчестер, кои се единствената непоразена екипа сезонава во ЛШ и кои ја прокнижија 18-та победа на гости во низа во сите натпреварувања, од декември лани, постигнувајќи 46, а примајќи девет гола.
ПСЖ го претрпе првиот пораз по водство на полувреме, по март 2001-та, тогаш од Ла Коруња, и загуби првпат по осумте победи на кои Маркињос постигнува гол.Маркињос е третиот играч во историјата на Лигата на шампионите стрелец во четврт-финале и во полуфинале во две последователни сезони, по Кристијано Роналдо (2011/2012 и 2013/2014) и Антоан Гризман (2015/2016 и 2016/2017).