Во УЕФА има идеја за дуел на идните прваци на двата континента од ЕП и од Копа Америка, но и за реформи во квалификациите за ЛШ

Можен е интерконтинентален дуел во договор помеѓу предводниците на Европската фудбалска унија (УЕФА) и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), помеѓу прваците на Европа и на Јужна Америка в година, изјавил Александар Чеферин, претседателот на УЕФА во разговор за британскиот „Тајм“, објавија европски медиуми.

Натпревари помеѓу прваците на континентите досега се играа на традиционалниот Куп на конфедерациите, една година пред почетокот на светското првенство.

Интерконтинентален меч помеѓу Европа и Јужна Америка во минатото се играше на клупско ниво, нешто што подоцна прерасна во Клупско светско првенство. Нов првак на Јужна Америка е Бразил, но в година ќе се игра нова Копа Америка, во исто време кога е закажано и Европското првенство. Идеја за ваков интерконтинентален меч имаше и во 2017 година, од претседателот на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингес.

– Не ни треба дозвола од ФИФА. Зошто би ни требала дозвола за натпреварување? Ова е одлука на две конфедерации. Независни сме, затоа што не сме членки на ФИФА. Ние сме партнери, не подредени – рекол Чеферин.

Чеферин најави и дека во иднина би можело да дојде до некои нови промени во Лигата на шампионите (ЛШ), во системот на квалификации за елитното натпреварување. Еден од предлозите е екипите што ќе се пласираат во одреден дел од нокаут-фазата автоматски да обезбедуваат учество во ЛШ за наредната сезона. Оваа идеја е дадена за да се избегне ситуацијата што сега му се случува на холандски Ајакс, кој играше во полуфиналето во минатата сезона, но до настапот во групната фаза за следната сезона ќе мора да игра прво во квалификациите.

– Сакаме да ги заштитиме тимовите како Ајакс од сезонава или Монако и Лестер од претходните. Ајакс играше феноменално сезонава, а сега е во ситуација да ги продава најдобрите фудбалери, бидејќи не знае дали следната сезона со сигурност ќе игра во ЛШ. Не сметам дека треба да заштитиме премногу клубови, бидејќи така премногу ќе се затвори натпреварувањето, но треба да заштитиме некои клубови. Една идеја е клубовите што ќе се пласираат во одредена фаза од ЛШ во претходната сезона да се натпреваруваат и во следната. Но ова е само идеја. Имаме состанок на 11 септември, кога ќе дебатираме со клубовите и со лигите – ја пренесе изјавата на Чеферин шпанскиот весник „Марка“.