Американките убедливо ја совладаа Костарика со 6-0, во тест-меч во Џексонвил

Женската фудбалска репрезентација на САД, актуелниот светски првак, чиј селектор од неодамна е Македонецот Влатко Андоновски, успешната 2019 година ја заврши со висока победа над Костарика, 6-0, во пријателскиот меч во Џексонвил, Флорида.

За Американките ова беше 20-та победа во годинава, втора во двата меча за Андоновски (во првиот меч во четвртокот беше совладана Шведска со 3-2). Дури и по убедливата победа, Андоновски рече дека има некои работи во играта што репрезентацијата мора да ги подобри во наредните месеци.

– Не сакам да звучам арогантно во никој случај, но има работи што можеме да ги поправиме, тоа го говори тренерот во мене. Без оглед на тоа колку сме добри, секогаш има некои на изглед ситници што можеме да ги направиме подобро во иднина. Но она што е одлично за овој тим е што сака да се подобрува и да не застане таму каде што е моментов. Ако ме прашате за резултатот, јас сум многу среќен, но играта можеме да ја унапредуваме – рече Андоновски.

Костарика, која е рангирана на 38-то место во светот, никогаш не забележала победа над САД, односно ги загуби 15-те претходни натпревари. Следниот меч помеѓу овие две репрезентации треба да се одигра на 3 февруари 2020 година во Хјустон, во последниот натпревар од групата А, во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио.